Ако купите фрижидер онлајн сами ќе си го качувате до 2-3 кат

Онлајн купувањето го замени одењето во продавници, пробување, чекање редови..., меѓутоа, од друга страна доведе до голем број поплаки од граѓаните поради долга испорака, производи кои не соодветствуваат со оние на интернет, немање гарантен лист... Во Организацијата за потрошувачи последните месеци стигнале многу поплаки од граѓани поврзани со електронската трговија, најголем дел од нив се однесувале на облека, обувки, но и на испораката на бела техника

146

Пандемијата со коронавирус ги промени навиките на купување кај македонските граѓани. Онлајн купувањето го замени одењето во продавници, пробување, чекање редови…, меѓутоа, од друга страна, доведе до голем број поплаки од граѓаните поради долга испорака, производи кој не соодветствуваат со оние на интернет, немање гарантен лист… Во Организацијата за потрошувачи последните месеци стигнале многу поплаки од граѓани поврзани со електронската трговија, најголем дел од нив се однесувале на облека, обувки, но и на испораката на бела техника.

Она на што најмногу се жалат купувачите кога купуваат преку интернет е немањето доволно информации за производите освен цената, долгиот рок на испорака, понуда на неквалитетни производи кои не можат да се вратат, испорака на производи кои не соодветствуваат со описот на сликите, разлики во цените, немање на гарантен лист…

Од ОПМ објаснуваат дека договорот на далечина претпоставува трговецот да има формулар за повлекување на потрошувачот од договорот во рок од 14 дена, а доколку не го информира за таквата можност во рок од една година, рокот за раскинување на договорот може да се продолжи за дополнителни 14 дена од денот кога купувачот бил информиран за тој договор.

-Последните неколку месеци со зголемување на онлајн купувањето се зголемуваат и поплаките од граѓаните кои го користат овој начин на купување. Поплаките се однесуваат на тоа дека производите кои им стигнале не биле исти со тие што ги порачале на интернет, односно несоодветна боја, големина, модел… Исто така купувачите реагираат дека времето потребно за враќање на производите кои ги купиле преку интернет трае многу долго, а со тоа и времето кое е потребно за враќање на парите, вели за весникот ВЕЧЕР претседателката на Организацијата потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар-Велкова.

Таа додава дека со зголемување на интернет-трговијата се зголемуваат поплаките за испораката на домашни апарати купени од онлајн продавници, особено кога станува збор за испорака на погабаритни и потешки парчиња од бела техника.

При купување на бела техника преку интернет од ОПМ велат дека на веб-страницата на продавницата треба да бидат обезбедени целосни информации за испорака, заедно со точната цена.

-Е-продавниците најчесто се едногласни во тоа што нема да ја достават стоката до вашиот дом, користејќи прилично разновидни оправдувања, или предлози да ја остават кај влезот на зградата, до влезната врата, и сл. Секако дека потоа не е лесно габаритните и тешките производи да ги внесувате сами до вашиот дом кој е на 2-3 кат. Во пракса, трговците преку интернет ја толкуваат испораката на поинаков начин и веројатно спротивно на она што го очекуваат повеќето потрошувачи. Покрај тоа, некои трговци одделно обезбедуваат платени услуги за внесување на производите во домот, информираат од ОПМ.

Со цел да избегнете вакви состојби од ОПМ ги советуваат граѓаните пред да ја направат нарачката да проверат дали и на кој начин ќе им биде доставен производот и дали можете да биде организирано точно време на достава.

(А.С.)