Министерот за финансии Фатмир Бесими ја смирува топката и уверува дека доколку до утре не се реши проблемот со хакираниот систем на ФЗО, платите за здравството ќе се исплатат од трезорот. -Изнајдено е решение за исплата на платите во здравството, дури и ако до понеделник не се реши проблемот со системот на Фондот за здравство. Средства ќе бидат префрлени директно од средствата на централниот трезор, а понатаму ќе се изврши порамнување со Фондот. Во меѓувреме, вработени во ГОБ „8 Септември” ќе го искажат  своето незадоволство поради неисплатените плати на протест утре, за време на паузата од 13 до 13:30.

Кулминира револтот на здравствените работници поради неисплатените плати. Ако до утре до 15 часот нема пари на сметките на сите вработени во клиничките центри и болници, в среда, докторите, сестрите, болничарите и останатиот медицински кадар ќе излезат на протест, без разлика и во вторник да им се пушти плата.

– Ние, како што рековме, ќе почитуваме, како што вети директорката на Фондот, и до понеделник, до крајот на работното време, ќе чекаме да биде исплатена платата. Доколку не биде исплатена платата, ние во вторник ќе ги свикаме ИО и Советот на синдикатот и, најверојатно, в среда ќе договориме протест, независно дали во вторник ќе префрлат плата, протестот в среда ќе се одржи – изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во клиничките центри.

Трпението е прикрај и кај членството на најголемиот синдикат при ССМ. Тие  ќе одлучуват какви чекори ќе преземат, но доколку до утре до 12 часот напладне не добијат гаранции дека ќе биде пуштена платата, не се исклучува неделава да има генерален протест на вработените во сите јавни здравствени установи.

– Како самостоен синдикат, од 10 февруари досега го покажавме нашето трпение, имајќи ја предвид ситуацијата на блокираниот систем на ФЗО, но трпението е прикрај и затоа, како самостоен синдикат на здравството, продолжуваме да вршиме притисок за што побрзо изнаоѓање решение, она што го бара нашето членство – изјави д-р Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, пренесе „Сител“.

Во меѓувреме, вработени во ГОБ „8 Септември” ќе го искажат  своето незадоволство поради неисплатените плати на протест утре, за време на паузата од 13 до 13:30.

Засега нема конкретна информација како ќе се исплаќаат платите, дали преку трезорот на Фондот доколку се воспостави контрола над хакираниот систем или ќе се повлечат пари од централниот трезор на Министерството за финансии.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека  дека доколку до утре не се реши проблемот  со хакираниот систем на ФЗО, платите за здравството ќе се исплатат од трезорот.

– Изнајдено е решение за исплата на платите во здравството, дури и ако до понеделник не се реши проблемот со системот на Фондот за здравство. Ќе бидат префрлени средства директно од средствата на централниот трезор, а понатаму ќе се изврши порамнување со Фондот. Очигледен е техничкиот проблем со  системот во ФЗО, и тоа е хибридна војна која не се случува само кај нас, следствено на тоа и со исплатата на платите за здравствените работници. Доколку набрзо (зборувам за ден-два) не се отстрани проблемот со системот на ФЗО, платите ќе се исплатат од трезорот – вели  Бесими.

На прашањето дали има доволно средства за исплата на платите на здравствениот сектор, министерот истакна дека буџетот е ликвиден.

Во четвртокот, ФЗО побара сите ЈЗУ да достават податоци за вработените за да може да им ја исплатат платата, но од Синдикатот прашуваат зошто не се направи тоа порано кога знаеле дека системот им е хакиран.

– Дали ова бајпасирање не можеше да се направи и порано, да не се чекаше 16? – праша д-р Каранфиловски од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.Освен плати на вработените во јавното здравство, не се исплаќаат ниту породилното, другите боледувања и рефундациите. Граѓаните се малтретираат за да добијат лек на рецепт, а фармацевтите се во хаотична ситуација.

За ова време, речиси две недели директорите на Фондот за здравство, Магдалена Филиповска-Грашкоска и Фатон Ахмети, ниту еднаш не излегоа во јавност за да информираат што преземаат и кога ќе се реши оваа многу сериозна ситуација.

КАКО ФУНКЦИОНИРА RANSOMWERE КОЈ ГО КИДНАПИРАШЕ СИСТЕМОТ НА ФЗОМ?

Вирусот Ransomware, кој го киднапираше системот на ФЗОМ и ги остави медицинските лица без плати, жените без породилно и граѓаните без упати, може да навлезе во системот само доколку некој му даде дозвола, намерно или по грешка, сметаат дел од ИТ- експертите, пренесува „Канал 5“.  Според Аристјан Паунков, најчесто хакерот испраќа замка, во форма на мејл или ворд документ, па со самото кликање на него, му се дава пристап на сајбер-криминалецот да го уфрли вирусот и да ги „заклучи“ податоците, што, според него, веројатно, и се случило со Фондот.

Откако ќе навлезе вирусот ќе ги „киднапира“ и „заклучи“ податоците, како што е сега случај со ФЗОМ, тогаш хакерот бара одредена сума, најчесто во крипто валути и дава рок таа да се исплати, според праксата на  Ransomware.

– Се бара биткоин или се бара некоја криптовалута за напаѓачот да го испрати или хакерот го прати клучот за да можат да се декриптираат податоците. Може ли да се декриптираат без тој клуч? Многу тешко.

Откако сајбер-криминалците ќе си ги добијат средствата, се испраќа кодот, а потоа мора целосно да се форматира системот кој бил заразен.

Најдобра заштита од овој вирус, според експертите, е, пред сè, да не се клика сè што ќе излезе на екранот, потоа постајано обновување на заштитата на системот и почесто негово скенирање за лоцирање вируси, на што апелираше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Од ФЗОМ соопштија дека при сајбер- нападот немало излевање податоци од базите на Фондот. А, како што велат, тоа го потврдила и анализата на експретските технички тимови кои го прочистуваат системот за набргу да го вратат во нормала.Инаку, Македонија има т.н. ИКТ-центар на МВР, кој е сместен во Прилеп.

„Центар за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата“ или скратено ИКТ-центарот во Прилеп, кој е под надлежност на МВР, функционира уште од 2020 година и во него се чуваат податоци од неколку институции, велат од МВР за „Сител“. Но, од Министерството за внатрешни не сакаа да коментираат кои институции ги чуваат таму своите податоци и дали помеѓу нив се наоѓа и најголемата база на податоци, односно податоците од Фондот за здравствено осигурување, чиј систем е хакиран, а за враќање на податоците, хакерите бараат откуп.Засега нема одговор ниту од Фондот дали оваа институција има бекап на своите податоци во ИКТ-центарот во Прилеп.

Изградбата на овој центар, според податоците на МВР од 2019 година, требаше да чини околку 11 милиони евра, пари обезбедени од ЕУ, преку ИПА- програмата. Неговата намена беше во него да се чуваат податоците на сите државни институции, кои тука би биле заштитени од земјотреси, поплави или други катастрофи што би се случиле по природен пат или би биле предизвикани од човечки фактор, како што е последниот случај со податоците на ФЗО.

Во обид да ја смири ситуацијата, Фондот за здравствено осигурување ги демантираше наводите дека податоците на граѓаните се украдени и уверува дека здравствените и личните податоци на граѓаните се целосно безбедни. Според познавачите на состојбите и ИТ- технологијата, без плаќање на бараниот откуп, речиси е невозможно да се пробијат кодовите за деблокада на податоците. Но, доколку имало бекап, односно резеврна заштита на податоците, би можело да се вратат тие за два дена, а не да се чека толку долго.

Овој последен хакерски напад на системот на една државна установа го отвора прашањето колку се сигурни податоците на граѓаните во овие институции, каков систем на заштита се користи и она најважното, зошто сите државни институции немаат свој бекап во центарот во Прилеп, кој е изграден токму за ваква намена.

Експертите бараат итна акција за да се спречат или за да се намалат нападите во иднина.

Акциски план, кој ќе ги вклучи домашните ИТ-експерти со надворешна поддршка и издвојување буџетски средства за негова реализација, треба да биде дел од стратегијата за заштита од хакерски напади, смета комуникологот Бојан Кордалов.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека системот на Фондот е хакиран со помош на Ransomware, што во компјутерскиот речник значи сајбер- напад при кој хакерите потоа бараат откуп за да ви ги вратат податоците.

Многу е важно сите институции да преземаат предвремени мерки за заштита на електронските податоци од хакерски напади, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и додава дека се преземаат мерки и дека сите хакерски напади се пријавени и се врши истрага.Тој нагласи дека станува збор за сериозен предизвик, кој, заедно со миграцијата, ќе биде еден од клучните со кои ќе се справува државата во наредните години.

На прашањето дали тоа значи дека интернет-страниците што ги користат институциите не се безбедни во моментов, министерот за внатрешни работи посочи дека електронската заштита е нешто што најбрзо се менува и осовременува и дека поседувањето најнов систем на заштита денес не значи дека тој ќе биде релевантен по шест месеци или една година.