Јуни е момент на одлука за македонските настојувања да ги започне преговорите за зачленување во Европската Унија. Премиерот Димитар Ковачевски денеска посочи дека земјава одработила доволно и ЕУ сега треба да го исполни ветувањето. Министерот за надворешни работи Бујар Османи викендов порача дека Македонија чека Бугарија и Европската Унија летово да го преземат вистинскиот чекор во однос на земјава, а доколку не се случи тоа, тој смета дека треба да се повлече линија и државата да се посвети на други прашања. Според лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, Османи манипулира, бидејќи во јуни нема да се тргне ветото, а она што реално може да се случи е да се одржи втората меѓувладина седница. Тој побара од Европа да се обедини во однос тоа што ѝ се случува на земјава во евроинтегративниот процес, како што се обедини за Украина.

Премиерот Ковачевски денеска посочи дека земјава е веќе 17 години со кандидатски статус, при што сработила многу.

„Имаме направено многу работа за преговори со ЕУ. Имаме донесено и тешки одлуки. И затоа ЕУ треба да ја донесе одлуката за сите земји членки, сосе Бугарија, за одржување на првата меѓувладина конференција. Се намалува довербата од оние што даваат поддршка за патот кон ЕУ“, рече Ковачевски.

Претходно, и шефот на дипломатијата Османи истакна дека јуни, односно летово е „да се биде или не“ за почеток на преговорите со ЕУ.

„Да продолжиме конструктивно додека не се исцрпи оваа можност и после тоа да излеземе и отворено пред граѓаните, и отворено пред ЕУ, и отворено пред Република Бугарија дека не можеме граѓаните повеќе да ги малтретираме и да ги изложиме на ваков процес на циклични очекувања и разочарувања, притоа исполнувајќи ги сите услови. Треба да знаеме на што сме, не може повеќе вака“, потенцираше Османи.

Тој истакна дека по активирање на новиот пристап во преговорите со Бугарија, преку состаноците на работните групи, има приближување на позициите и додаде дека ќе биде историска штета ако не се успее сега, бидејќи, како што рече, „никогаш нема да бидеме во подобра позиција за надминување на овие разлики“.

За македонско-бугарскиот спор во саботата се огласи и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, кој порача дека Европа треба да се обедини околу тоа што ѝ го прави Бугарија на земјава, како што се обединува околу случувањата во Украина и конечно во јуни да ги отпочнеме преговорите. Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи промените во македонскиот Устав барани од Бугарија, бидејќи немаме никаква гаранција дека со тоа се затвораат сите отворени прашања меѓу двете земји.

Во однос на можноста ветото да се тргне во јуни, тој рече дека смета оти преговорите со ЕУ нема да почнат сè додека не ја испочитуваме целокупната преговарачка рамка.

– Во таа преговарачка рамка ќе бидат вклучени барањата од страна на Бугарија, вклучително интервенцијата во македонскиот Устав. ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи тие промени во македонскиот Устав, бидејќи за тоа се потребни две третини, токму поради тоа што немаме никаква гаранција дека со тоа се затвораат сите отворени прашања помеѓу Македонија и Бугарија и дека до самото членство на Македонија во рамките на ЕУ нема да имаме повеќе вакви барања од страна на политичарите кај нашиот источен сосед – рече Мицкоски.

И претседателот на државата Стево Пендаровски претходно изјави дека земјава мора да има некаква гаранција од Софија или од Брисел дека прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот ќе биде последното барање на Софија за отстранување на бугарското вето за старт на преговорите. Шансите за кревање на бугарското вето во јуни, според него, се помалку од 50%, затоа што, за жал, бугарската страна во последниот еден месец сака на голема врата да ја врати историјата. Тој посочи дека нарушувањето во односите почнало откако ги примил на средба претставниците од ОМО Илинден Пирин.

Пендаровски додаде дека власта и опозицијата имаат идентична позиција во однос на тоа прашање, оценувајќи дека ставот на Мицкоски оти партијата нема да поддржи промена на Уставот за внесување на Бугарите во него, доколку не се добие гаранција од Софија дека нема да има нови условување, е сосема коректен.

Во однос на вклучувањето на САД во односите со Република Бугарија, Османи истакна дека Вашингтон е силно заинтересиран овој процес да успее и европското консолидирање на регионот да продолжи, но оти нема конкретен процес во кој САД се посредници во односите меѓу двете земји. Тие односи, вели Османи, се одвиваат на билатерална основа.

Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, претходно во контекст на потребата од побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ порача дека САД продолжуваат со охрабрување на Софија и на Скопје на билатерална основа брзо да ги решат меѓусебните спорови, истакнувајќи дека е време Северна Македонија и Албанија да ги започнат пристапните преговори со ЕУ. Тој додаде дека двете земји ги сработиле основните задачи и сега е време е да продолжат заедно во следната фаза од долгиот и полн со предизвици процес на пристапување.

Бугарскиот премиер Кирил Петков утре заминува за Вашингтон, каде што, на покана од претседателот на Михенската конференција за безбедност, Кристоф Хојген, ќе учествува на лидерската средба на највисоко ниво. Во официјалното соопштените на бугарската Влада се наведува дека Петков ќе се сретне со високи претставници на Владата на САД и со претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас.

(И.С.)