Превирањата во ДУИ нема да донесат потрес и во владината коалиција, коментираат експертите откако дел од раководството отворено прозборе дека во партијата постојат несогласувања. Десетици истакнати членови на ДУИ викендов обвинија дека одлучувањето во партијата станало индивидуално и дека за клучните прашања не постои консултација со базата. Огнената група, како што се нарекуваат незадоволните, како одговорен за ваквите состојби го посочија првиот вицепремиер Артан Груби.

Политичкиот аналитичар Агим Јонуз, во изјава за весникот ВЕЧЕР, коментира дека сите партии во некој момент се соочуваат со поголеми или помали превирања, но оти ДУИ нема да дозволи да ги изгуби позициите во власта.

-Стабилноста на власта како инструмент, најмалку зависи од превирањата во политичките партии, затоа што, ако анализираме сериозно, сите партии во овој момент, реално минуваат низ некакви ситни или покрупни превирања. ДУИ е зрела партија која по никаква цена нема да дозволи да ги изгуби позициите во власта, кој низ историјата во актуелниот момент се на највисоко ниво. Факт е дека превирањата во ДУИ би резултирале и би влијаеле на евентуални избори. Но истовремено, факт е дека Али Ахмети е доволно паметен и зрел политичар за да дозволи какви било тектонски нарушувања. Како и да е, структурата на ДУИ функционира по принципот внатре може да сме скарани- но за надвор сме единствени. Од друга рака, ДУИ како учесник во власта стана сериозен фактор кој е свесен дека какви било нарушувања, би влијаеле на стабилноста на актуелната ситуација во државата. Токму од тие причини, ДУИ ниту еднаш не излезе со теза дека прифаќа предвремени избори. Лично сметам и мислам дека нема да претерам ако речам дека стабилноста на политичката сцена и државата ја држи ДУИ во раце. Со ветер од Кале кој му дува директно во грбот.  Со тоa – сè е кажано, додава Јонуз.

Дел од членството на ДУИ, веќе подолг период го критикува Артан Груби дека без заслуга се нашол и на партиски и на владини функции. Дел од тие обвинувања се упатени и на адресата на актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи.

Поради партиски несогласувања, Изет Меџити минатата година се повлече од функцијата координатор на пратеничката група на ДУИ. Освен Меџити, од политиката на новите кадри кај интегративците, незадоволни се и Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висар Ганиу, кои минатата недела преку отворено писмо го повикаа лидерот на партијата Али Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. Дел од медиумите викендов објавија дека, наводно, за да се смират незадоволниците им било доставен предлог Османи да биде сменет од функцијата министер, но дека тие го одбиле предлогот наведувајќи дека проблемот е Груби и дел од другите министри. Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вчера на средба со новинарите ги отфрли шпекулациите за негова наводна смена.

-Лажна вест е информацијата за моја смена и таа не заслужува никаков коментар, изјави Османи во однос на наводната понуда за негово разрешување од министерската функција по отвореното писмо од група членови на ДУИ. Тој рече дека во партијата има големо ниво на демократија и секој може да го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети. „Со вчерашната изјава на Ахмети, мислам дека тука е завршена таа приказна, изјави Османи. Запрашан за тоа дали внатрепартиските превирања ќе влијаат врз стабилноста на Владата, Османи рече дека ДУИ е фактор на стабилност изминатите 20 години и дека така и ќе продолжи.  (Ј.Ц.Г.)