Ако Владата ги замрзнеше одеднаш сите производи, граѓаните ќе имаа поголем бенефит

Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека додека Владата да ги замрзне сите производи, тие ќе почнат да се одмрзнуваат. Тие велат дека и покрај замрзнувањето на дел од производите не пазарат поевтино отколку минатата недела. Заштедата од денар-два во минималната потрошувачка кошница, која изнесува 50.900 денари, не им значи речиси ништо. И од Организација на потрошувачи на Македонија велат дека доколку Владата ги замрзнеше одеднаш сите производи, граѓаните ќе имаа поголем бенефит

629

Додека другите држави во регионот одеднаш замрзнуваат по 25 производи, нашата Владата тоа го прави постепено, производ по производ. Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека додека Владата да ги замрзне сите производи тие ќе почнат да се одмрзнуваат. Тие велат дека и покрај замрзнувањето на дел од производите, не пазарат поевтино отколку минатата недела. Заштедата од денар-два во минималната потрошувачка кошница, која изнесува 50.900 денари, не им значи речиси ништо. И од Организација на потрошувачи на Македонија велат дека ако Владата ги замрзнеше одеднаш сите производи, граѓаните ќе имаа поголем бенефит.

Од друга страна, пак, стопанството критикува дека вештачки се замрзнуваат цените и дека Владата треба да интервенира преку државните резерви, да ги намали даноците и другите давачки за вистински да им помогне и на граѓаните и на фирмите, надлежните најавуваат нови анализи за евентуално замрзнување на месните производи и на овошјето и зеленчукот.

-За потрошувачите ќе имаше поголем бенефит ако се замрзнеа сите производи одеднаш. Сепак, одлуките за тоа кој производ и кога ќе се замрзне, ги носи Владата врз основа на анализите што ги прави. Ние сметаме дека е потребно што повеќе производи да се замрзнат одеднаш за граѓаните да имаат поголем бенефит и поголема сигурност дека нема да се зголемуваат цените на дневно ниво. Секако дека доколку одеднаш се замрзнеа повеќе производи, граѓаните ќе почувствуваа поголемо намалување и ќе можеа со ист буџет да испазарат повеќе производи, велат за весникот ВЕЧЕР од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Сепак, од Владата не се согласуваат со фактот дека намалувањето ќе биде од денар-два и оти граѓаните нема да го почувствуваат тоа.

-Не би се согласил дека има еден до два денари намалување. Така, на пример, намалувањето кај тестенините е до 10 денари. Кај јајцата целта е да се замрзне цената, да нема дисбаланс на пазарот и да не се покачи цената со оглед на зголемената побарувачка пред празниците. Кога ги носевме одлуките за замрзнување, ги носевме во краток временски период, со оглед на тоа дека се разговараше и со производителите и со трговците поединечно за секој производ. Затоа одлуките се носат кога се завршуваат анализите и таму каде што може да се донесат. Ние кога замрзнуваме некој производ се внимава да има доволно количества кои одговараат на побарувачката. Не може да има генерално замрзнување, бидејќи може да биде опфатен и некој производ на кој не може да му се замрзне цената, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

За разлика од кај нас, пак, во Црна Гора во исто време поевтинија 25 прехранбени производи, меѓу кои јогурт, јајца, млеко, сирење и некои видови свежо и суво месо. Овие производи ќе се продаваат по овие цени до крајот на април со можност за продолжување. Трговците можат да ја прошират, но не можат да ја скратат предвидената листа на производи планирани во антиинфлациската кошничка.

(А.С.)