Ако вакцината стане задолжителна, нема да има потреба од ПЦР тест!

Владата бара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи пред да одлучи за предлог-мерките

516

Владата побара од Комисијата за заразни болести, која ги изготви мерките, да направи дополнителни анализи и предлози за дополнителни мерки за поттик на масовната вакцинација. Таа ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети за да ја зајакнат на терен контролата на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележан ковид-19 преку проверка на идентитетот на лицето. За да ги стимулира граѓаните, Владата ќе ги разгледа и сите реални можности за економски стимулации

Иако беа разгледани предложените мерки и препораки на Комисијата за заразни болести за интензивирање на имунизацијата со која треба да се штитиме од ковид-19, на последната владина седница тие не беа усвоени. Владата побара од Комисијата на направи дополнителни анализи и да подготви компаративни студии за предложените предлог-мерки. Истовремено се побараа и предлози за дополнителни мерки за поттик на масовната вакцинација.

Владините министри заклучија дека во услови на светска пандемија масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на вирусот, затоа е потребна сеопфатна анализа. Истовремено Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од ковид-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација. Се бара детална проверка и на ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со ковид-19, преку ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително.

– Владата ги задолжи и сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација, како и да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата. Се бара и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација, писмено соопштија од Владата.

Владата ќе ги разгледа и сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надокнади кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето – вакцината.

Со предложените мерки кои пред десетина дена ги преложи Комисијата за заразни болести се предвидува сите вработени во јавниот сектор да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа што ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе треба да приложат потврда за прележан ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист. Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат во сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните кои работат во приватните компании да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои сè уште не се вакцинирале.

Одлуката првично требаше да биде донесена во вторникот, но нејзиното носење беше одложена по автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 наши државјани и прогласувањето тридневна жалост во државата.

Министрите требаше да го разгледаат и предлогот на синдикатите трошокот за ПЦР да биде на товар на работодавачот, а не на работникот и да се добие два слободни дена кога ќе се аплицираат вакцините. На ова реагираа од ССК и ОРМ кои посочија дека поради пандемијата компаниите се финансиски исцрпени и не се во можност да ги покријат овие трошоци на своите работници.

На оваа тема се произнесе и познатиот микробиолог и професор д-р Никола Пановски кој посочи дека ако вакцината за заштита од ковид-19 станува задолжителна тогаш нема потреба од ПЦР тест. Овој тест некој од работниците нема да може да го плати, кај јавните институции ако не го плаќаат работниците, тогаш ќе треба да се покрие од буџетот, а тоа е пак на товар на граѓаните.

Според професорот, овие предлози треба прво правно да се регулираат и од доброволна вакцината да стане задолжителна, а не да велиме дека е доброволна, а да правиме притисок. Пановски во коментарите за последните предлог-мерки на Министерството за здравство, за справување со пандемијата, посочува дека ако вакцината стане задолжителна, опцијата за граѓаните со ПЦР-тестот се укинува како право на избор.

– Ако сам ги плаќа тестовите, тогаш нема право на избор, можеби нема да има пари, ако го плаќа приватна фирма исто така нема да има право на избор бидејќи ќе го отпуштат од работа. Затоа ако веќе решиле да биде задолжителна вакцината, тогаш да не се бара ПЦР тест. Се дава рок до кога треба да се вакцинираат или да донесат потврда дека не смеат. Ако не го сторат тоа, ќе бидат казнети – објаснува д-р Пановски и дополнува дека ако сега се усвојат предложените мерки, вакцинацијата ќе има ефект дури во месец март.

Според него, доколку здравствените власти очекуваат нов бран и сакаме да го спречиме треба да се донесат конкретни мерки, како што е учениците да одат на онлајн настава, да се затворат ноќните клубови и слично.

-Вакцината е континуиран процес и треба кампања за одговор на сите лажни вести или полувистини, па дури и одговори на стручни лица кои кажуваат дека вакцинацијата треба да се прекине, вели д-р Пановски.

(В.Ма.)