Шокантното испаѓање на Филаделфија во полуфиналето на Истокот предизвика бројни реакции и прашања во врска со иднината на тимот за кој се веруваше дека пред неколку години има најсилен млад тандем во НБА-лигата.

Дискусиите за компатибилноста на Џоел Ембид и Бен Симонс траат неколку години, а се чини дека катастрофалните изданија на високиот австралиски плејмејкер во серијата против Атланта конечно ќе доведат до реконструкција на тимот.

На четири од седумте натпревари во серијата, вклучувајќи ги и последните три, Симонс остана на едноцифрен број поени, но многу повеќе загрижува неговата неодлучност и неподготвеност да шутира, не само од далечина, туку и од близу.

На последните три натпревари од серијата, Симонс имаше просек од 6.3 поени, упатувајќи по 4.7 удари од играта за време на натпревар, што е премалку за кошаркар кој важи за лидер во тимот. За време на годинешниот плејоф, на 12 натпревари тој погоди мизерни 34,2% од слободни фрлања, што им овозможи на противниците континуирано да го фаулираат во завршницата и со тоа да ја достигнат или задржат предноста.

Особено критичен кон Австралиецот беше легендарниот Шекил О’Нил, кој исто така беше лош од линијата за слободни фрлања во текот на целата своја кариера, но тоа не го спречи да постигне скоро 30.000 поени.

  • Да беше во мојата соблекувална, ќе го нокаутирав, изјави Шек без двоумење во една американска спортска емисија.

Иако со години упорно веруваа во својот млад тандем, Сиксерс беа подготвени да се откажат од Симонс во трејдот за Џејмс Харден во јануари, но Хјустон и популарниот „Брада“ ги избраа „мрежичките“. Сигурно е дека Симонс ќе ја напушти Филаделфија ова лето, но ретко кој би дал ѕвезда, како што бара Сиксерс, за кошаркар кој има лоши бројки во статистичките податоци на НБА.