Аква паркот подготвен за летните лудории

244

Аква паркот при спортско-рекреативниот центар „Борис Трајковски“ наскоро ќе профункционира. Управителот на овој спортско-рекреативен центар, Александар Петровски очекува добри вести од Комисијата за заразни болести која утре треба да одржи состанок.

– Имавме најава дека 15 или 16 овој месец ќе бидеме отворени. Но, ќе го чекаме исходот од состанокот. Се надеваме дека наскоро ќе го отвориме. Приватниот аква парк во Пробиштип веќе работи – изјави Петровски за весникот ВЕЧЕР.

Аква паркот е веќе подготвен и чека само зелено светло од Комисијата за заразни болести и од Владата за да профункционира.

– Еднаш ги имавме наполнето мрзливата река и базените, бидејќи ни беше речено дека ќе може да работиме, во периодот кога и градинките требаше да проработат, но се зголеми бројот на заразени со коронавирус, па немаше ништо од тоа. Моравме повторно да ги испразниме. Но, како и да е, ние сме подготвени за два до три дена, откако ќе ни се дозволи тие повторно да бидат ставени во функција – потенцира Петровски.

Направен е и протоколот за работа, а тоа е капацитетот на аква паркот да е исполнет 50 проценти, да се мери температура на посетителите на влезот.

– Бројот на лежалките е преполовен и се распоредени на оддалеченост од два метри, за да нема групирање. Во соблекувалните ќе може да се остават личните работи во шкафчињата и нема да биде дозволено задржување, а постојано насекаде ќе се врши и дезинфекција – објасни Петровски и додаде дека аква паркот е безбеден бидејќи водата се третира на ист начин и е инсталиран истиот систем како и во затворениот базен.

Содржините ќе бидат исти како и претходната година, исти остануваат и цените: 300 денари влезница, семејна карта за 4 лица – 1.000 денари и за деца под 13 години – 200 денари. Освен тоа, при секое влегување се дава 100 денари депозит, како гаранција за безбедноста, кој потоа се враќа.

Засега според Петровски функционира нивниот затворен базен, но само за професионалните пливачи и пливачките клубови, а се примаат и лицата со посебни потреби.

(А.П.)