Академик Љупчо Коцарев: Македонскиот јазик има и просторен и временски континуум

420

„Односот на партиите во суверена Македонија, по 1991 година, спрема македонскиот јазик се карактеризира со непостоење на каква било државна и/или партиска политика и се сведува само на мислења на определени политичари, кои се карактеризираат, главно, со неконзистентност, ненаучност и често менување заради постигање определени ‘повисоки цели’… Тие се должни цврсто да ги бранат научните тврдења, според кои македонскиот јазик има и просторен и временски континуум“, ќе посочи претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев во воведната статија на монографијата „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“ на чија заедничка промоција со уште три значајни изданија за македонскиот јазик, македонската лингвистичка средина се обедини за да даде вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик, а и за неговото место вo меѓународната славистика и лингвистика

„Кога станува збор за македонскиот јазик, се надевам конечно и засекогаш ќе ги обедини политичките партии во Македонија. Некои граѓани (и политичари) во денешна Македонија можат да сметаат дека пред 1944 година некои жители на (Пиринска, Егејска и Вардарска) Македонија зборуваат бугарски јазик, а потоа, по 1944, македонски – тоа е нивно право – но поддржете ги моето право и правото на илјадници други граѓани во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија да имаме различно мислење од вашето. Но кога станува збор за политичките пар-тии, тие се должни цврсто да ги бранат научните тврдења, според кои македонскиот јазик има и просторен и временски континуум“, ќе истакне претседателот на Македонската академија на науките и уметностите академик Љупчо Коцарев во воведната статија на монографијата „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“. Книгата беше промовирана денеска заедно со уште три капитални изданија за македонскиот јазик на платото пред МАНУ.

Во воведната статија на монографијата, во којашто е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од 9 век, па сè до неговата кодификација, академик Коцарев ќе посочи и дека тврдењето дека македонскиот јазик постои само по 1944 година, а пред тоа бил бугарски јазик, е синтаксички точно, но семантички бесмислено тврдење.

„Основното тврдење тука е дека македонскиот јазик, разбран како јазична разновидност, а не како национален јазик, се формира многу пред формирањето на државата Македонија. За тоа постојат многубројни документи, сите трудови во оваа книга, но многу повеќе од тоа, фактот дека македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, препознатлив јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на определен географски и историски простор“, додава претседателот на МАНУ.

Тој воедно посочува и дека односот на партиите во суверена Македонија, по 1991 година, спрема македонскиот јазик се карактеризира со непостоење на каква било државна и/или партиска политика и се сведува само на мислења на определени политичари, кои се карактеризираат, главно, со неконзистентност, ненаучност и често менување заради постигање определени „повисоки цели“, што доведува да парадоксални состојби. Овде академик Коцарев ги споменува ставовите/изјавите на Љубчо Георгиевски, поранешен премиер на РМ, кој зборува за „бугарското“ минато на „македонскиот народ“, потоа на поранешниот министер за култура, Димитар Димитров, за кого македонскиот национален идентитет, по моделот на Софија, е „српски“ сурогат на „вистинскиот“ бугарски идентитет на македонските Словени, како и неодамнешната изјава на првот македонски министер за надворешни работи, Денко Малески, со која ја шокираше македонската јавност во која вели дека „македонската страна треба да се соочи со објективната историска вистина на начин на којшто објаснив сега, а бугарската страна да се соочи со реалноста на современото постоење на македонската нација и македонскиот јазик…“.

Воведна статија во монографијата има и академик Катица Ќулавкова насловена како „Предисторија на кодификацијата на македонскиот книжевен јазик“, а со свои трудови за развојот на македонскиот јазик од 9 до 20 век се застапени Ѓорги Поп-Атанасов, Емилија Црвенковска, Лилјана Макаријоска, Илија Велев, Александра Ѓуркова, Димитар Пандев, Елка Јачева-Улчар и други македонски лингвисти.

Покрај колективната монографија „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, беа промоврани и делата „Погледи за македонскиот јазик“ – меѓународен зборник на трудови во којшто над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик, потоа „Македонска хрестоматија“ – избор на позначајни македонски текстови од IX до XX век и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“, кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти.

Сите овие капитални дела излегоа од печат на иницијатива на МАНУ и со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, а се поставени и во дигитална форма на главната страница на МАНУ. На промоцијата, воведна реч имаше академик Коцарев, а книгите ги промовираа академик Ќулавкова, како и Снежана Велковска, Димитар Пандев и Марјан Марковиќ. „Со излегувањето на овие значајни изданија за македонскиот јазик, а и со заедничката промоција, македонската лингвистичка средина се обединува за да даде вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик, а и за неговото место вo меѓународната славистика и лингвистика“, посочија од МАНУ. (Н.И.Т.)