„Додека ги сликав овие слики зборував многу со нив, така што и сите Вие можете да разговарате со нив. Многу мои слики се наоѓаат низ светот и зборуваат на сите тие јазици каде што се изложени. Сакам да кажам, сликарството не треба да се разбере – треба да се чувствува“, истакна на отворањето на неговата ретроспективна изложба во Даутпашин амам, академикот Ташковски, водечкиот претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот

 

Просториите во галеријата Даутпашин амам завчеравечер беа претесни, дури и во овие услови на пандемија, да ги примат сите оние кои сакаа да го видат шестдецениското творештво на еминентниот македонски уметник, академик Васко Ташковски (84). Отворањето на неговата ретроспективна изложба предизвика огромно внимание во јавноста, а самиот уметник им се обрати на присутните со зборовите: “Додека ги сликав овие слики зборував многу со нив, така што и сите Вие можете да разговарате со нив. Тие ги разбираат сите јазици. Јас не знам толку колку што знаат тие, затоа што многу мои слики се наоѓаат низ светот и зборуваат на сите тие јазици каде што се изложени. Сакам да кажам, сликарството не треба да се разбере – треба да се чувствува.“

Македонскиот поет, есеист и критичар Раде Силјан за сликарството на Ташковски, пак, истакна дека со фантазијата тој создава една нова реалност. “Сликарскиот свет на Васко Ташковски е препознатлив по многу свои елементи, чудесно раскошни. Неговата уметност комуницира на општи и универзални релации, својствен за автономен свет вешто обликуван. Тоа е свет приемчив по многу свои карактеристики, раскошен свет на тајни и митски предели. Суптилно обликуван свет со кој се одмораат очите и кој ги успокојува душите на љубителите на уметноста“, ќе истакне Силјан.

Го запрашавме и самиот уметник од каде доаѓа инспирацијата за овој чудесен, фантастичен свет во неговите дела.

„Инспирација кај мене не доаѓа моментално. Јас обично правам скици во блокчиња и потоа од тие скици ја одбирам онаа со која ќе најдам дијалог за слика. Имам повеќе од 12.000 скици, тие се мои визуелни размислувања, така што сега можам да правам слика по скица од пред 20 години. Сепак, имам теми кои перманентно ги работам и тие се пустински мотиви, планински мотиви, еколошки теми, енергии во просторот, стара архитектура, коњи… И во моментот кога ќе осетам дека е поврзана со циклусот што го работам, наоѓам заеднички елементи и почнувам да работам. Работев и изминатите година и половина, бидејќи во ателјето нема пандемија. Дури имав и една слика која е постирана на Фејсбук ‘Корона и самозаштита’. Мала е но симболична – корона и човек кој се заштитува на пуст остров. Од таа тема се помали дела, но за овие слики во друга прилика“, вели за весникот ВЕЧЕР, Ташковски. Тој додава дека тие можеби ќе бидат дел од следните изложувања во МАНУ.

Како што вели овој творец на еден поинаков свет, во македонското сликарство влегол со „затворен гард“. „Беше тоа сликарство кое не беше познато. Надреално, фантастично… Немав поддршка ниту од критиката, ниту од публиката, ниту од колегите и требаше да докажувам дека сум на патот на кој сум тргнал да успеам. И изложбата е резултат на тој пат на 60 години творештво“, додаде Ташковски, водечкиот претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот. (Д.Т.)