Азески: Срамно е во Брисел да кажеме дека 20 години немаме попис

339

Бизнис заедницата сака владеење на правото, вистинска, функционална децентрализација и стабилен Парламент, а не избори на секои чекори години. Клучна е и предвидливоста, а попис мора да се спроведе, дециден е претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

-Не може сериозна држава 20 години да нема попис. Пописот ни треба не само за да се преброиме по националност или семејства, туку заради економските импликатори. Не може да се направи никаква економска прогноза, ако се немаат базичните, основни бројки. Треба да видиме зашто беше прекинат претходниот попис, да не се повтори тоа искуство. На меѓунационален план кај нас се е можно. Не сакаме ситуација на какво било пролонгирање на пописот. Попишувањето мора да се спроведе и тоа треба да биде приоритет. Срамно е кога ќе одиме во Брисел да кажеме дека 20 години немаме попис, подвлекува Азески во интервју за МИА.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, во однос на пописот истакна дека Законот веќе е во собраниска процедура и целта е да се изгради систем што еднаш засекогаш ќе ја тргне политиката од овој и од сите идни пописи.

– Наша цел е статистичарите, а не политичарите, да го имаат главниот збор при пребројување на населението. Верувам дека ќе организираме добар попис според сите европски стандарди, а резултатот ќе биде основна алатка за да знаеме какви долгорочни развојни политики можеме да креираме, истакна Маричиќ во отчетот, додавајќи дека пописот би се спровел во април ако Собранието го донесе законот.

Тој најави амбициозни планови за реализација во следната година со една единствена цел: правдата да биде достапна за сите граѓани, а Македонија да биде правна држава каде што ќе одговараат сите кои ги прекршиле законите, сега или во иднина.

–  Изминатите години бевме сведоци дека граѓаните се жалат на несразмерно високите судски такси. Во првите 100 дена ги намаливме за осум пати. Претходно, плаќаа и до 48 илјади за судски трошоци, а сега тие не може да бидат над 6.000 денари за судски такси, изјави Маричиќ кој истакна дека плановите им се амбициозни, но намерите јасни и чесни, а посветеноста максимална.

Откако ќе решат да тргнат по судските лавиринти, посочи Маричиќ, дел од граѓаните се соочуваат со други проблеми, како што се долги рочишта, неефикасни постапки и нееднаков третман.

– Токму затоа во првите 100 дена заедно со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители интензивно работевме на методологија по која следната година ќе се филтрира судството и обвинителството. Ова според нас е најдобриот начин како фелата сама да си ги прочисти своите редови, изјави Маричиќ.

Нагласи дека сите судии или обвинители кои незаконски постапувале или направиле прекршување во постапките, намерно го одложувале или нестручно постапувале, треба да бидат исфилтрирани од правосудниот систем.

– Посебен фокус ќе биде ставен на случаите на висока корупција и организиран криминал. Како што знаете Судскиот совет веќе донесе одлука за разрешување на двајца судии од Основен суд Охрид поради несовесно работење. Со оваа одлука започнува и процесот на филтрација на судството по новите правила. Ова е единствен чекор за враќање на изгубената доверба во правосудството, изјави Маричиќ.

Во однос на животната средина, информираше дека Министерството за правда преку измена на Законот за прекршоци предвиде повисоки казни за сите кои ја загадуваат животната средина.

– Откако Собранието ќе ги изгласа овие измени, казните за загадувачите на животната средина ќе бидат зголемени дури и за 20 пати. Со ова очекуваме значително да се подобри нивото на заштита на воздухот, водата и почвата, рече Маричиќ. (Е.А.)