Азески: Регионалниот развој е основа за понатамошниот развој на државите од Западен Балкан

41

Регионалниот развој е основа за нашиот понатамошен развој на државата и на економијата, а Коморскиот инвестициски форум (КИФ) е гласот на приватниот сектор на шесте земји на Западен Балкан. Работиме на подобрување на инфраструктурата, решавање на бариерите кои постојат меѓу нас за да го забрзаме протокот на стоки и услуги, да направиме заедничка авиокомпанија која ќе не поврзе директно и да ги решиме прашањата кои се врзани со сертификациските тела и документи со што ќе се забрза протокот на стоки и услуги, порача претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и потпретседател на КИФ Бранко Азески.

Во изјава пред почетокот на настаните во рамки на Бизнис платформата ЕУ-Западен Балкан што денеска се одржуваат во Скопје, Азески порача дека Балканот е стотици години проблем на Европа и се уште не е променет во тој дел.

-Бизнисот може да биде единствениот кохезионен фактор и токму ова што го работиме во КИФ може само да придонесе и да помогне во надминување на проблемите на Балканот кои нема да бидат разрешени ни од нашите генерации, рече Азески.

Според него, во последниве 40 години регионот доби шанса, но не успеа да се докаже на ни едно поле.

-Како посебни држави сме индолентни кон сите процеси во светот кои се прекршуваат преку нас. Само со упорна работа и форсирање на бизнисот може да се постигне одреден напредок. На Балканот политиката е над економијата, политичките елити прават проблеми за да опстанат на власт, а не за да направат економски напредок. Ние како приватен сектор можеме тоа да го поместиме и да го направиме, но клучно прашање е дали тоа може да се направи без пари и со оптоварување од секакви давачки наместо тие пари да се вложат во приближување кон стандардите на ЕУ, рече Азески.

Цело време, додаде, работиме на тоа да не се воведат нови давачки кои, како што посочи, ќе не срамнуваат со земја.

-Нудиме концепт во наредните 10 години да се обединиме сите и да ги оставиме на страна политиките, а соработката да биде само во економијата, но со реална трка. Треба нов рамковен договор за економија и наредните 10 до 15 години да ги прогласиме за период во кој сите во Македонија  и сите на Балканот ќе се обединиме за да направиме исчекор и да овозможиме луѓето да останат тука. Луѓето ќе одат, миграцијата е природна појава, но ако понудиме подобри услови побрзо и ќе се вратат тука. Не можеме луѓето да ги задржиме за нога, туку со стандард и сигурност и обезбедување на функционирање на здравствениот и образовниот систем, порача Азески.

Претседателот на Коморскиот инвестициски форум, кој истовремено е и претседател на Стопанската комора на Косово, Лулзим Рафуна истакна дека од исклучителна важност е зајакнувањето на соработката на бизнис секторот од земјите од Западен Балкан и Европската Комисија.

-Тука сме да ги подготвиме бизнисите за пазарот на Европската Унија и за глобалните пазари. Нашата работа всушност е мост и помош за бизнисите и ги зема предвид дигитализацијата и зелената агенда за да ги подготви за нивните идни предизвици во Европската Унија, рече Рафуна.

Како што нагласи, бизнисот во Западен Балкан се соочува со административни, но и со не административни бариери.

-Токму затоа ние сме тука. Ние сме лоби за барањата на бизнисот за владите да ги отстранат тие бариери. Ние сме мали земји и единствено соработката меѓу нас ќе ни помогне да го развиеме бизнисот, потенцира Рафуна.

На секој начин, додаде, се обидуваме да ги отстраниме бариерите со кои се соочуваме, но некои од нив можеме да ги решиме, а за некои само донесуваме заклучоци.

-Но, ние не сме тело кое донесува одлуки, туку тело кое лобира и ги застапува интересите на бизнисите кај владите, прецизира Рафуна.