„Аерофлот“ ќе им ги врати парите за билети на мобилизирани Руси

41

Руската државна авиокомпанија „Аерофлот“ денеска соопшти дека ќе им ги врати парите за билети купени пред средата на оние Руси кои беа мобилизирани, јави „Си-ен-ен“.

„Граѓаните кои подлежат на воен рок, а купиле билети пред 21 септември 2022 година (вклучително) имаат право на неволно (надвор од контрола на клиентот) враќање на парите за билетот“, се наведува во соопштението на компанијата.

Како што се појаснува во соопштението, лицето мора лично да се обрати до местото од каде е купен билетот и да покаже каков било документ што ќе го потврди правото за прекинување на договорот, со што ќе му бидат вратени парите.

Летовите што ја напуштаат Русија се продадоа за неколку часа, откако рускиот претседател Владимир Путин соопшти за делумната мобилизација во текот на вчерашниот ден. Цените за оние малкуте достапни билети „скокнаа“, покажаа руски агрегаторски веб страници.