Аеродром – прва општина со европско знаменце

344

Новата платформа насловена „Аеродром – Прва општина со европско знаменце“, која ќе се имплементира во наредните 4 години, а беше денеска јавно презентирана ќе и овозможи на оваа скопска општина да вклучува и реализира големи европски проекти. Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин за во наредниот период најави уште поамбициозна агенда со реализација на проекти во спортот, младината, зеленилото, чистотата, мирот и безбедноста. Аеродром, во соработка со еколошката мрежа на локални самоуправи и невладини организации, од 1 февруари првпат во нашата држава воведува интерактивна европска методологија за одржување на јавната хигиена во општината, во директна соработка со жителите


Аеродром стана прва општина со европско знаменце во која ќе се практикуваат европските стандарди и вредности со цел почиста животна средина и поквалитетен образовен процес, а акцентот ќе биде и во вложувања во енергетска ефикасност и подобра инфраструктура.

Овие цели се содржани во новата платформа насловена „Аеродром – Прва општина со европско знаменце“, која ќе се имплементира во наредните 4 години, а беше денеска јавно презентирана и ќе и овозможи на оваа скопска општина да вклучува и реализира големи европски проекти.

Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин истакна дека во изминатите три години било работено на европските вредности, а за во наредниот период најави уште поамбициозна агенда со реализација на проекти во спортот, младината, зеленилото, чистотата, мирот и безбедноста.

– Вложуваме во почиста животна средина и енергетска ефикасност, во подобра инфраструктура и поквалитетен образовен процес. Создаваме услови за раст и развој за децата и младите и се грижи за најранливите. Во претходните три години извршиме над 60 инфраструктурни зафати, кои вклучуваат нови патишта, пешачки патеки, паркинзи, детски и спортски игралишта. Засадивме 10.500 високостеблести дрвца, нови паркови каде имаше депонии. Набавивме прочистувачи на воздух за сите основни училишта и градинки, а веќе три години доделуваме субвенции за печки на пелети, за чистење оџаци, за велосипеди и инвертер-клими за намалување на аерозагадувањето, истакна Марин и напомена дека и во наредните 4 години ќе се продолжи со инвестирање во животната средина, во поквалитетно урбано живеење и развој на руралните делови на општината.

Марин истакна дека амбициозната платформа ќе биде реализирана заедно со домашни и меѓународни партнери.

– Заедно со Делегацијата на ЕУ ќе ја зајакнеме соработката со невладиниот сектор со интернационалните асоцијации и здруженија, со институциите и граѓаните. Ќе ја искористиме целата поддршка која ни е достапна за да обезбедиме подобро место за живеење во нашата општина, подобар квалитет на животот – нагласи Марин.

На промоцијата на платформата, раководителот на секторот за работи на градоначалникот на општина Аеродром, Александар Георгиевски рече дека за општина Аеродром е предизвик и мотив да биде лидер во државата и во регионот во имплементација на европските стандарди, вредности и проекти.

– Програмските активности од сите сфери на општественото живеење ќе ги имплементираме преку програмата која е поделена во четири сегменти и ќе ги опфати сите аспекти на современото живеење. Стратегиската платформа во целост се вклопува и инкорпорира на програмските определби и политики на Владата и проектите на општината и е во целосно партнерство со европски регионални движења. Аеродром во соработка со еколошката мрежа на локални самоуправи и невладини организации од 1 февруари првпат во нашата држава воведува интерактивна европска методологија за одржување на јавната хигиена во општината, во директна соработка со жителите. Проектот е преземен по теркот на градот Љубљана и Ново Место од Словенија – нагласи Георгиевски.

Тој потенцираше дека општината ќе продолжи со замена на депониите со зелени оази во директна соработка со заедници, притоа ќе се создаваат природни филтри за чист воздух, а ќе се раззеленуваат постоечките средини и нови садници.

Општина Аеродром ќе ги модернизира и своите рурални подрачја во Горно и Долно Лисиче, каде планира да направи зона за рурален развој. Во делот на подобрување на квалитетниот начин на живот и развој на локалните можности за туризам ќе се изгради прв национален професионален голф терен во земјава. Во наредните денови почнува интензивна меѓуопштинска соработка и партнерство со општини што го поддржуваат спортот, а воедно напролет ќе се реализира и спортско ТВ шоу „Тројка за МЗТ“.

(С.Бл.) – Фото: Ѕвонко Плавевски