Аеродромци добија редизајнирано катче за одмор, релаксација и дружење

2380

Аеродромци добија ново редизајнирано зелено катче. Оваа зелена површина од 2.000 квадратни метри, се наоѓа на крстосницата помеѓу булеварот „Јане Сандански“ и улицата „Владимир Комаров“ во општина Аеродром и е во вредност од околу 3,7 милиони денари.

Таа е втората од вкупно четири локации во Скопје, каде што постојните зелени површини се преуредени во согласност со потребите на граѓаните за одмор, релаксација, дружење…

 

– Ако се сеќавате, овој простор до пред само неколку месеци беше запуштен и неугледен, со остатоци од бетонски површини каде што биле некогашните трафики, со непрописно паркирани возила и скромно зеленило. Сега, на оваа локација покрај постојното зеленило кое беше соодветно третирано засадени се вкупно 337 нови садници од кои 87 садници високо зеленило и 250 садници ниско зеленило со кои е облагороден овој простор – информираше скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Тој додаде дека дополнително се поставени и 14 шаховски табли, стилизирана урбана опрема составена од клупи, корпи за џебен отпад и други придружни елементи, а целиот простор е осветлен со лед осветлување.

Исто така, патеките се облагородени со дрвени елементи наменети за децата кои ќе го користат овој простор за да можат да ги развиваат своите моторички способности. Освен тоа, во дел од паркот има и патеки кои се наменети за родители со колички за мали деца и лица со посебни потреби.

– Просторот е осмислен на начин што целосно ги следи потребите и желбите на граѓаните кои живеат во овој дел од Општина Аеродром. Посебно внимание беше посветено на тоа количината на бетонски елементи да биде сведена на минимум и зеленилото да биде така распоредено со цел да можат да се формираат раскошни крошни кои ќе обезбедат сенки за посетители – нагласи Шилегов.

Локацијата е избрана од страна на граѓаните како една од седумте локации во Скопје, идентификувани во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП која започна во 2018 година.

(А.П.)