Аеродромци бараат градинка да се гради на друга локација    

376

Според ДУП-от за градска четврт И11, на посочената локација каде сега е детско игралиште, има впишано маркичка В2 за здравство и социјална заштита – детска градинка. Аеродромци бараат градинка да се гради на друга локација, а на децата да им остане игралиштето. Од општина Аеродром се децидни дека паралелно со градење на градинката, ќе се гради и детско игралиште во дворот на ОУ „Блаже Конески“

 

Единственото спортско игралиште во основното училиште „Блаже Конески” ќе се урива за да се изгради детска градинка. Оваа информација осамна на фејсбук-страницата на граѓанската група „Аеродром во моето срце“ кои се против тоа.

Оттаму наведуваат дека игралиштето секојдневно е полно со дечиња од Стар Аеродром и Мичурин и е единствено во тој дел од општината и затоа треба да остане.

– Претходното раководство го реконструираше ова игралиште и стави рефлектори за дечињата да можат и навечер да спортуваат, а сега некој решил сето тоа да го урива за да се гради нова градинка – реагираат од „Аеродром во моето срце“.

Тие апелираат до градоначалникот Златко Марин да не го уништува ова игралиште, а за градинка да бара друга локација!

На оваа информација не останаа имуни и останатите граѓаните од општината Аеродром. И тие реагираа со свои коментари.

– Кој им даде за право тоа да го прават. Само да се уривало. И онака немаше место за дечињата од училиштето. Сега градинка ќе правеле. Токму во екот на учебната година да се гради на место каде што децата трчаат и си играат да поминуваат разни машинерии и да се крева прашина. Тоа е голема грешка. Сами сме си виновни, гледаме и ќутиме. Срамота. Што народ ќе бевме – вели Тања Јакимова Поп-Тасев и предлага новата градинка да се прави кај градинката „Црвенкапа“, каде што има голем простор во дворот.

Соња Стаменковиќ смета дека треба да се распише референдум на локално ниво за да се изјаснат граѓаните.

– Јас сум за игралиште, а објект градинка нека планираат на место каде што си планирале станбен објект – зграда. Децата нема каде да играат, учениците од школото каде да одат – вели Стаменковиќ.

Од општина Аеродром одговорија дека според Деталниот урбанистички план за градска четврт И11, претходното раководство на посочената локација има впишано маркичка В2 за здравство и социјална заштита – детска градинка.

– Општина Аеродром има план да изгради две нови градинки во овој дел, затоа што е зголемена потребата на жителите од вакви објекти. Кога ќе се почне со изградбата на градинката, ќе се изгради ново спортско и детско игралиште во дворот на ОУ „Блаже Конески“ – потенцираат од локалната самоуправа.

(А.П.) – Фото: Н. Батев