Администрацијата на Општина Ѓорче Петров се сели во „Емпорио“

884

Администрацијата на Општина Ѓорче Петров се сели во новата општинската зграда спроти СП „Планет“, во трговскиот центар „Емпорио“. Градоначалникот Александар Стојкоски информира дека со вработените веќе симболично го означиле селењето во новите простории, со што заедно хортикултурно го уредиле просторот околу општината.

– На овој начин, освен што сакаме да придонесеме за зазеленување на просторот кој е непосредно до реонскиот парк во Ѓорче Петров, истовремено целта беше да испратиме и порака за сочувување и негување на животната средина што е наш заеднички приоритет – истакна Стојкоски, додавајќи дека Општина Ѓорче Петров наскоро ќе добие нов дом и централизирана администрација која после децении, конечно, на едно место ќе ги врши сите услуги на граѓаните.

Од Општината истакнаа дека 90 проценти администрацијата е преселена и очекуваат од понеделник да почнат да функционираат нормално.

– Сеуште не се случило официјалното отворање на општинската зграда. На крајот на месецов или на почетокот на јуни со настан ќе се одбележи вселувањето во новата општинска зграда – наведуваат од Општина Ѓорче Петров.

Новата општинска зграда има четири ката, а на секој кат има по 15 канцеларии, а меѓу нив и конференциски сали. Таа е изградена преку јавно-приватно партнерство со фирмата „Трансмет“, на бизнисменот Сеат Кочан, уште во времето кога градоначалник беше Сокол Митровски од ВМРО-ДПМНЕ.

Договорот за изградба на трговскиот центар „Емпорио“, во кој дел ќе биде наменет за општинската зграда на Ѓорче Петров беше, склучен во јуни 2013 година, по спроведена постапка со јавен оглас. Се предвидуваше приватниот партнер, компанијата „Трансмет“ да изгради административна деловна зграда со бруто површина од 15.000 метри квадратни и подземен паркинг простор. Од вкупната површина, 24 отсто односно 3.600 метри квадратни и 40 паркинг места под објектот припаѓа на Општината, а 76 односно 11.400 квадрати на приватниот партнер.

Иако објектот за новата општинска зграда со години е готов, поранешниот градоначалник на општината Александар Наумоски одбиваше да се пресели во неа, поради големите трошоци за опремување. Но, очигледно актуелниот градоначалник Александар Стојкоски мисли поинаку и сака општинската администрација да ја пресели во нов модерен објект. Тој потпиша три посебни договори со фирми за доизградба и опремување на општинската зграда.

(А.П.)