Адеми: Посакуваме од 1 септември враќање во училишните клупи

41

Сакаме учениците да се вратат на училиште зашто наставата таму нема замена, колку и да се трудиме. Ќе бидеме подготвени за какво било сценарио, но посакуваме во најнормални услови и околности да се вратиме во училиштата од 1 септември, рече министерот за образование и наука Арбер Адеми.

По повод крајот на учебната 2019/2020 година, министерот Адеми и на својот Фејсбук-профил им честитаташе  на учениците за постигнатите успеси и стекнатото знаење, посакувајќи им  пријатен распуст до почетокот на новата учебна година, со надеж дека „ќе се вратиме во училишните клупи“.

-Драги ученици, би посакал оваа учебна година, како претходните години да ја завршивте во училишните клупи, насмеани заедно со вашите другари и другарки! Но, понекогаш работите не одат како што сакаме ние…  И покрај фактот дека не може да се замени наставата во училишните клупи, вие покажавте максимален интерес и посветеност да продолжите да учите од далечина со помош на родителите, и не се сомневам дека сте ја постигнувале целта, напиша Адеми на Фејсбук и им предложи на учениците на распустот да прочитаат некоја книга или лектира и да се вклучат во спортски активности. На матурантите и дипломците, пак, им посакува успех во уписите.

Адеми посочи дека сите придонеле процесот на онлајн-настава да биде успешен – покрај учениците и наставниците, го цени и ангажманот на родителите.

-За волја на вистината, не одеше сè лесно во смисла на организирање и реализирање на образовниот процес, рече Адеми. Главни предизвици биле возраста на учениците, односно вештината на помалите за користење на електронските уреди, како и  проблемот  со интернет-пристапот на  ученици од социјано загрозените семејства што беше надминат.

Адеми гостуваше во „ТВ Училница“ емисија наменета за основците и за децата од предучилишна возраст и се организираше на македонски јазик на МРТ1 и на албански јазик на МРТ2. Од 9.30 до 10 часот секој ден во изминатите речиси три месеци имаше програма за претшколските деца, а по получасовниот „голем одмор“, од 10.30 до 12.15 часот се прикажуваше  „ТВ Училницата“ за основците.