Адвокатот на Јанева, Кадиев: Изјавата на Русковска е недолична!

104

Адвокатот на Катица Јанева, Дељо Кадиев, е затекнат од изјавата на обвинителката Вилма Русковска која најави дека ќе покрене финансиска истрага за судиите кои донесоа одлука обвинетата да оди во куќен притвор.

-Недолична е изјавата на шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. И обвинителството е странка во постапката, како и ние бранителите, па затоа не треба да ја коментира судската одлука на овој начин. Зарем за сите досегашни решенија со кои се удоволуваше на обвинителството и притворот се продолжуваше, ние да велиме дека биле криминални одлуки, вели адвокатот Кадиев за „Фокус“.

Тој додава дека Јанева се држела во притвор по секоја цена, иако тоа нанело штета на истрагата.

-Јанева се држеше во притвор дури на штета на истрагата, бидејќи во спротивно таа можеше да се води 18 месеци, а не како сега само три, по што истата е недовршена. Имаме недовршени вештачења, наредби…, додава Кадеиев, кој вели дека обвинителката реагирала и зошто не е прифатена гаранцијата.

-И оваа забелешка не ми е јасна, зошто обвинителката даде негативно мислење и за гаранцијата. Ние ќе бевме пресреќни доколку ја прифатеа гаранцијата, бидејќи и куќниот притвор е притвор, вели Кадиев.

Во моментот во Апелациониот суд се оддржува колегиум на кој се разгледува заканата од обвинителката Русковска, по што најавуваат официјално соопштение.