Агенцијата за филм стана членка на Европската асоцијација на филмски агенции

192

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија стана 34-та членка на EFADs – Европската асоцијација на филмски агенции.

Одлуката за прием во оваа многу значајна асоцијација беше донесена на Генералното собрание на EFADS, каде директорот на Агенцијата за филм на Северна Македонија Горјан Тозија имаше излагање и ги претстави заложбите кои ги прави Владата во насока на поддршка на филмската продукција како и насоките кои ги преземаме за унапредување на филмската дејност во нашата земја. По неговото обраќање, следуваа Q&A со присутните претставници, челни лица на европски филмски центри – членки на оваа асоцијација.

Агенцијата станува придружен член на EFAD’s, а тоа е статус резервиран за сите филмски агенции и центри од земјите членки на Советот на Европа.

Тозија нагласил дека овој статус ќе и овозможи на Агенцијата да учествува во сите активности во организација на оваа асоцијација и и гарантира делумно право на глас.

– Силно веруваме дека Агенцијата за филм на Северна Македонија во голема мера ќе има корист од своето членство во мрежата на EFAD’s, што придонесува за актуелизација на европските политики и иницијативи, фокусирајќи се на промоцијата и дистрибуцијата на европските дела и предизвиците на европската филмска индустрија. Приклучувањето кон здружението ќе ни овозможи размена на информации, споделување искуства и зајакнување на нашите заеднички цели, преку таргетирање на клучни прашања посветени на филмот во дигиталното доба, авторските права & борбата против пиратеријата и филмското образование. Се надевам дека нашата соработка ќе овозможи поголема видливост и поинтензивна соработка во наредните години, изјави Горјан Тозија.

– Европските филмски агенции се залагаат за поголема достапност на европскиот филм на различни формати и платформи. Нивната мисија е да им овозможи на локалните култури и различните јазични заедници да бидат претставени на големото платно и моќните, културно експресивни филмови длабоко да влијаат на срцата и умовите на публиката во корист на благосостојбата на целокупното европско општество, соопштуваат од Агенцијата за филм.

Членките на EFADs се залагаат за медиумска писменост и приказни кои поддржуваат слобода на изразување и филмска култура со цел филмската продукција, филмското наследство и  филмот како уметност да допрат до што е можно поширок аудиториум.