Интервју со Мартин Јованоски: Немирот што нè јаде е нормална реакција на животот што го водиме

871

„Од оној момент кога се поставив на нов пат, анксиозноста и нејзината лоша страна се повлече, престана да ми биде пречка. За првпат почна да ми служи како ветер во грб… коректив, поддршка и потсетник за она што е вистински важно во животот“, вели за весникот „Вечер“ Јованоски, авторот на книгата „Зошто јас?“, која предизвика голем интерес кај младата популација, токму поради темата што ја обработува во својата книга 

„Зошто јас?“ не е книга со измислени ликови и настани, тоа е книга за реални и едни од најтешките моменти од Вашиот живот, борба со анксиозноста, стравовите и паничните напади. Зошто се решивте едно тешко раздобје, кое претпоставувам успешно го пребродивте, за да го ставите на хартија и да го споделите со јавноста?

Низ годините ја почувствував анксиозноста со сета своја сила, почувствував на своја кожа што сè може таа да направи. Преку пишаниот збор решив да се соголам, да испратам гласна порака таму надвор, да подадам рака на сите кои се соочуваат со оваа состојба. Немаше друг начин, решив „Зошто јас?” да биде финалето на мојата борба, патоказ и водич за сите оние што не можат да се справат со сопствените мисли и стравови.

Сметате ли дека има многу млади луѓе на кои им е потребна поддршка во вид на едно вакво четиво?

Знам дека има… ги гледам секојдневно, сведок сум на нивната борба, ја чувствувам нивната збунетост, максимално логична и оправдана. Ако во истиов момент не почнеме да дејствуваме и да зборуваме на глас на оваа тема, ќе биде многу полошо. Излезете на улица и свртете се наоколу, погледнете ги ликовите на луѓето, ќе се уверите. Надвор владее епидемија на анксиозност и депресија! Се замолчивме, се роботизиравме, ги угушивме емоциите. Не требаше вака, не сме скроени за ваков живот, немирот кој нè јаде однатре е сосема нормална реакција на начинот на живот што денес го водиме.

Каков беше интересот и реакциите на младите луѓе по објавувањето на книгата и дали беа очекувани од Вашата страна?

Да бидам искрен, очекував голем интерес, затоа и не ме зачудија сите рекорди кои ги урна „Зошто јас?” овие 20-ина дена од кога е во продажба. Се пронајдоа многумина, се уверија дека не се сами, дека има светло на крајот на тунелот. Пораките кои секојдневно ги добивам само ми го потврдуваат ова. Затоа и во книгата детално и брутално искрено ја опишав секоја моја борба и секоја мачна мисла која ми го напаѓаше сопствениот мир и здраво расудување. Во книгата нема мотивациски говори и којзнае каков квалитет на пишување и изразување. „Зошто јас?” e еден живот, многу обичен живот без филување и затскривање. Сакам да поттикнам коренита промена кај читателот, само сакам да му помогнам да ја види големата слика. Да ја добие највредната награда-сопствениот мир и спокој!

 

Од сегашната гледна точка сметате ли дека успешно и целосно се изборивте со овие проблеми карактеристични за модерниот свет во кој живееме или животот, според Вас, е постојана борба, па и понатаму можеби ќе се јави потреба за нова книга?

Одамна е кажано дека животот е константна борба – тоа го кажале многу помудри луѓе од мене и тоа е неоспорен факт. Тоа е реалноста и од тоа нема бегање. Меѓутоа, наша задача е да најдеме време и начин низ таа борба да вметнеме што повеќе моменти полни среќа, насмевки и љубов. Да си дадеме себеси одмор и издув, да креираме сеќавања кои секогаш ќе предизвикуваат топла насмевка на нашите лица. Тука настапува анксиозноста на сцена – нè опоменува кога забораваме на вториов дел, оној побитниот. Кога забораваме на себеси и на вистинската причина поради која чекориме по земјава.

Со какво искуство излеговте од целата ситуација и која е пораката која им ја пренесувате на читателите?

Прогледав, лузносан и претепан, ама битно прогледав. Се вратив назад во светот со широко отворени очи. Ја разбрав пораката, си ги признав грешките, си го пружив сето она што самиот несвесно си го забранував години наназад. Од оној момент кога се поставив на нов пат, анксиозноста и нејзината лоша страна се повлече, престана да ми биде пречка. За првпат почна да ми служи како ветер во грб, мој нераскинлив партнер до крајот на животот. Вечен коректив, поддршка и потсетник за она што е вистински важно во животот.

Напишавте книга за Вашето животно искуство, но дали можеби ова ќе Ве поттикне да продолжите да пишувате за нешто сосема друго,бидејќи самото пишување како што велите е терапија?

Пишувам постојано, продолжив и после „Зошто јас?”. Не знам што ќе донесе иднината, до каде ќе оди приказната. Не знам дали ќе објавам уште нешто и дали тоа ќе биде доволно добро и интересно за читателите. Меѓутоа, ќе пишувам, го најдов мојот вентил, мојата љубов и страст. Хартијата вреди злато, хартијата нема никогаш да те предаде, хартијата упива сè. Секоја болка, секоја мака, секоја насмевка и солза. Тоа ја прави единствена и различна, тоа ја прави магична! (Д.Т.)