Како гром од ведро небо одекна веста дека кошаркарот на Црвена звезда, Огнен Кузмиќ, имал сообраќајна несреќа по која сè уште се бори за живот.

Имено, според зборовите на боксерот Дражан Јањанин, кој бил во другиот автомобил во кој удрил Кузмиќ, опиша како дошло до сообраќајката која се случи на патот Бања Лука – Приедор, кај местото Рамница.

  • Во моментот додека се движев со автомобилот во Рамница, на една кривина ми се појавија само светла од друг автомобил. Тој со голема брзина возеше во спротивна насока и тргна кон нас. Мијатовиќ (човекот кој бил заедно со Јањанин во автомобилот) брзо реагираше и го тргна автомобилот на страна. Удривме во банкина, меѓутоа другиот автомобил се „заби“ директно во нас. Ја откорна вратата и крилото од автомобилот, изјави Јањанин.

Тој додаде дека нивниот автомобил од силниот удар се превртел на кров, додека поршето во кое бил Кузмиќ и неговиот пријател Богдан Илиќ, застанало на 200 метри од несреќата.

  • Го искршив прозорецот, а потоа го извлеков пријателот од автомобилот. Отидовме доле, до другото возило, и тоа беше превртено на кров. Од автомобилот се слушаше гласна музика и некој даваше некакви сигнали. Набргу потоа дојдоа пожарникари и ги извадија од автомобилот. Ние имаме исеченици по телото од стакло. Мене ми ја шиеја кожата на раката, но добро сме. Се обидуваме да дознаеме како е Кузмиќ и неговиот пријател и се молиме да бидат добро. Слушнавме дека се во тешка ситуација, заклучи Јањанин.

Меѓутоа, според последните информации кои пристигнаа од Србија, Кузмиќ бил совозач во својот автомобил, бидејќи зад воланот во моментот на несреќата бил неговиот пријател Богдан Илиќ.

Кошаркарот на Црвена звезда моментно се наоѓа во Клиничкиот центар во Србија каде беше префрлен со хеликоптер од Бања Лука.