Австрија ја запре вакцинацијата со „АстраЗенека“, се истражува смртта на едно лице

77

Австриските власти привремено ја прекинаа вакцинацијата со серија вакцини против Ковид-19 од „АстраЗенека“, додека во тек е истрага за смртта на едно лице и развој на белодробна емболија кај друго по вакцинирањето, објави австрискиот државен завод за здравствена безбедност (БАСГ).

БАСГ доби два извештаи поврзани со вакцини од „АстраЗенека“ од истата серија, а пациентите ја примиле на клиника во градот Цветл во провинцијата Долна Австрија, се вели во соопштението.

Според извештајот, 49-годишникот починал како резултат на тешко нарушување на коагулацијата на крвта, а 35-годишникот развил белодробна емболија, но се опоравува.

„Во моментов, нема докази за причинско-последична врска помеѓу овие состојби и вакцината“, се вели во соопштението на БАСГ.

Претставник од „АстраЗенека“ рекол дека компанијата е во контакт со австриските власти и дека ја поддржува истрагата.

Новинската агенција АПА потсетува дека вакцината била одобрена и од Европската агенција за лекови и од Светската здравствена организација врз основа на глобално клиничко испитување во кое учествувале 23.000 испитаници.

„Сите претходни проценки покажаа дека вакцината на ‘АстраЗенека’ е безбедна и ефикасна“, објави АПА.