Австрија го продолжи карантинот, Франција го врати полицискиот час

90

Австриската влада во саботата донесе одлука за продолжување на карантинот до 7 февруари, како дел од мерките против ширење на коронавирусот. Затворањето, кое требаше да трае до 24 јануари, ќе биде продолжено до 7 февруари, што, како што објави агенцијата АПА, е резултат на разговорите меѓу владата во Виена и провинциите.

Следува постепено отворање од 8 февруари, додека угостителите, хотелите и организаторите на разни настани ќе мора да почекаат до крајот на февруари за вакви мерки.

Од 8 февруари, ако епидемиолошката состојба дозволи, сите продавници, услужни дејности и музеи повторно ќе се отворат, но под строги услови, како што е обврската за носење заштитни маски FFP2 и одржување на растојанието од метар до два. Наставата во училиштата ќе почне на 8 февруари, а учениците до тогаш ќе продолжат со учење на далечина.

Франција го врати во сила полицискиот час, откако земјата го надмина прагот на 70.000 смртни случаи поради ковид-19 од почетокот на пандемијата, соопштија здравствените власти.

Вкупно 70.142 лица починаа како резултат на болеста, од нив 196 во последните 24 часа, се вели во дневниот извештај на националната агенција. Бројот на новозаразени е сè уште висок со 21.406 случаи во последните 24 часа. Во обид да се спречи зголемувањето на бројот на заразени со вирусот, полицискиот час повторно почна од саботата од 18 до 6 часот наутро.