Австриските продавници подготвени: Изготвен план за пазарење во случај на „блекаут“

98

Во Австрија долго време се стравува од можен „прекин на струјата“, односно поголемо и подолго затемнување, па институциите презедоа мерки за ваквата состојба, а сега планот го усвоија и супермаркетите.

Долгите редици пред супермаркетите би можеле да бидат реалност во случај на „затемнување“ во Австрија, па супермаркетите и бакалите на тркалезна маса се договорија за обединета акција во случај на оваа криза.

Иако експертите тврдат дека нема зголемен ризик од „затемнување“, супермаркетите подготвија план, со кој се предвидува, во првиот чекор, првиот ден да бидат затворени сите продавници за да се направат потребните подготовки.

Од вториот ден на прекинот, од 9 до 10 часот, продавниците би доставувале намирници до општината и итните служби, а од 10 до 15 часот е предвидено до потрошувачите да се делат подготвени кеси со производи.

Граѓаните нема да можат да бираат што има во кесата, бидејќи во неа ќе се најдат само најпотребните производи како вода, леб, конзерви и готови оброци. Граѓаните нема да можат да влегуваат во супермаркетите, а ќе добијат торба надвор од продавница и ќе плаќаат само во готово.

Од третиот ден ќе се делат само „суви“ производи.

На граѓаните им се препорачува да складираат храна за период од две недели.

Австриските власти одамна им даваат совети на граѓаните да се подготват за евентуално „затемнување“, односно прекини на струјата, да купуваат свеќи, светилки на батерии, да имаат радио на батерии или други алтернативни извори на струја без струја, да се складираат со средства за хигиена.

Народната банка на Австрија (OeNB) ги советува граѓаните да имаат дома по 100 евра готовина по член на домаќинството, односно износ што одговара двојно повеќе од трошок за неделните пазарења.