Австрискиот вицеканцелар Штрахе поднесе оставка

100

Австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе денеска поднесе оставка на функцијата, откако синоќа беше објавена видео снимката на која се гледа како тој за бизнис услуга бара финансиски надомест од девојка која се претставува како внука на руски олигарх.

Како што јави ДПА, Штрахе по денешната средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека на првиот човек на Владата му ја предал својата оставка, во обид да ја спаси коалицијата меѓу неговата екстремно десничарска Слободарска партија на Австрија (ФПО) и конзервативна Австриска народна партија (ОВП) на Курц.

Иако инсистира дека не прекршил никаков закон, Штрахе призна дека е „крајно засрамен“ од снимката што синоќа ја објави германскиот магазин „Шпигел“, на која се појавуваат Штрахе и потпретседателот на ФПО, Јохан Гуденус, во пијана состојба во разговор со наводната внука на рускиот олигарх, која тврди дека сака да купи удел во виенскиот весник „Кронен Цајтунг“.

Видеото насловено „Дали може да се купи австрискиот вицеканцелар“, го снимиле новинари на „Шпигел“, кои во соработка со колеги од „Зидојче Цајтунг“, му го наместиле целиот случај на Штрахе.

Штрахе им се извини на неговата сопруга и на поддржувачите за, како што го нарече, „мачо однесувањето под дејство на алкохол, со цел да се импресионира атрактивна жена“.

– Се однесував како тинејџер, додаде Штрахе, кој нагласи дека објавувањето на снимката претставува „таргетиран политички напад“ изведен од страна на „криминални мрежи“.

Инаку, на видео снимката, направена на 24 јули 2017 година на шпанскиот остров Ибица, наводната внука на рускиот олигарх вели дека сака да инвестира 250 милиони евра во Австрија и тоа не преку банка и по легален пат, при што во неколку наврати напоменува дека станува збор за „илегални пари“. Штрахе и Гуденус и ветуваат дека ќе и помогнат во инвестирањето, доколку финансиски ја поддржи нивната ФПО. Снимката е направена во пресрет на ланските парламентарни избори во Австрија.

Штрахе дури и објаснува на девојката дека парите не треба директно да и ги даде на партијата, туку преку едно здружение, напомнувајќи дека истото го правеле и други партиски поддржувачи, споменувајќи ги тука сопственикот на компанијата „Глок“, Гастон Глок, фирмата „Новоматик“ и олигархот Рене Бенко. Споменатите во меѓу време ги демантираа тврдењата на Штрахе.

Видеото доаѓа на една недела пред изборите за Европскиот парламент, што може да и нанесе сериозна штета на ФПО. Покрај ова, Штрахе и Гуденус може да имаат и правни последици и да се соочат со обвиненија.

Извори од ФПО соопштија дека Штрахе утре ќе поднесе оставка и на местото лидер на партијата. Според нив, Штрахе на средбата со Курц му пренел дека ФПО сака да ја продолжи коалициската соработка со неговата ОВП на канцеларот, со тоа што на нејзино чело наместо него би застанал актуелниот партиски потпретседател и австриски министер за инфраструктура и сообраќај Норберт Хофер.

Хофер на ланските претседателски избори во Австрија беше кандидат на ФПО и оствари забележителен резултат, пласирајќи се во вториот круг, каде беше поразен со мала разлика од актуелниот австриски претседател Александер Ван дер Белен.

Виенската телевизија О24, меѓутоа, тврди дека Курц донел одлука и планира да објави крај на коалицијата меѓу неговата ОВП и ФПО. Според телевизијата, мнозинството од членовите на раководството на ОВП, како и самиот Курц, се за прекин на коалицијата.

Австриските медиуми претходно оценува дека Курц би можел да има полза од скандалот со Штрахе, бидејќи може да ја раскине коалицијата со ФПО и да распише предвремени парламентарни избори, на кои постои голема веројатност неговата Народна партија да обезбеди мнозинство во Парламентот и самостојно да формира Влада.