Грен слем турнирот Австралија опен иако треба да се одржи за четири месеци, веќе е под голем  знак прашалник  дали тоа ќе се случи. Пандемијата со коронавирусот  беше причина да биде откажан Вимблдон,  Ролан Гарос е закажан за 27 септември,  а САД Опен  треба да се одржи од 31 август до 13 септември.

Заради сето ова организаторите на Австралија опен се многу внимателни, но директорот на турнирот Крег Тајли е убеден дека се ќе биде во ред до почетокот на турнирот. Продажбата на билетите е планирана за во октомври, а објавено е дека на играчите ќе им бидат отворени границите и обезбедено доаѓање во пет „биолошки сигурносни меури“ во земјата.

-Ќе отвориме наш биолошки меур од први декември и играчите ќе може да доаѓаат кога ќе посакаат. Кога ќе дојдат верувам дека нема да треба да седат во хотел 14 дене како што е моменталната ситуација. Ќе бидат иземени од оваа мерка, но само во кругот на биолошкиот меур, објасни Тајли.

Австралија ја погоди вториот бран на коронавирус и затоа Мелбур моментно е под „полициски час“  За безбедносните детали на АО 2021 се грижи истата агенција која беше задолжена за намалување на ризикот од пожарите кои во јануари годинава ја зафатија оваа земја.

-Првото сценарио е турнирот да се одржи исто како што беше годинава, а второто да биде лимитирано доаѓањето на публиката. Сценариото број три е турнирот да се одржи без публика, имаме сценарио  турнирот да се одложи, а најлошото е воопшто да нема турнир, вели Тајли.

Првиот  човек на турнирот истакна дека нема да биде проблем комплексот во Мелбурн да прими 400.000 посетители (двојно помалку од претходните две години)

-Направивме стратегија и операционен план за сите навивачи и тоа како тие ќе бидат распоредени во комплексот, изјави Тајли кој објасни дека прво ќе се консултира со останатите грен слем турнири доколку мора да го одложат својот, поточно нема да направат како што направија организаторите на Ролан Гарос , кои самоиницијативно го преместија турнирот.