Авиокомпании најавуваат дека летовите за Скопје ќе ги обноват од 15 јуни, Владата уште нема одлука за отворање на аеродромите

Во јунските редови за летање Скопје како дестинација го ставија „Ер Србија“ и „Аустриан ерлајнс“. Од ТАВ Македонија велат дека немаат најава од Владата за отворање на аеродромите, но постојано се во подготовки како да ќе треба да почнат да работат во најскоро можно време

4674

Ќе се отворат ли двата македонски аеродрома за патнички летови до средината на наредниот месец? Авиокомпании веќе го ставаат скопскиот аеродром во своите јунски редови на летање, но Владата се уште нема донесено одлука за отворање на аеродромите кои поради пандемијата се затворени веќе два ипол месеца.

Авиокомпаниите „Ер Србија“ и „Аустриан ерлајнс“ најавија дека од 15 јуни ќе летаат од Белград за Скопје, односно од Виена за Скопје. Побаравме информација и од „Визер“, нискобуџетната авиокомпанија чии летови од македонските аеродроми Владата ги субвенционира, а македонските граѓани најмногу ги користат зашто се евтини и најбројни, но до затворање на весникот не добивме.

Од ТАВ Македонија, концесионерот на меѓународниот аеродром „Скопје“ и охридскиот аеродром „Свети апостол Павле“ информираат дека немаат информација од Владата, но се во подготовки за отворање.

-Иако сè уште не сме добиле официјална информација од Владата за датумот на повторно отворање, ние се подготвуваме како да ќе треба да почнеме да работиме во најскоро можно време, велат оттаму.

Појаснуваат дека интензивно се подготвуваат за повторно отворање на двата аеродрома во целиот период откако беа затворени како резултат на прогласената државна вонредна состојба, со цел да се запре ширењето на ковид-19 во земјава,

-Постојано сме во контакт со останатите аеродроми ширум светот за да видиме што другите аеродроми спроведуваат и да ги искористиме најдобрите практики со цел да обезбедиме аеродромски услуги кои ќе овозможат добросостојба и здравствена заштита, следејќи ги препораките на Министерството за здравство, Светската здравствена организација, Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската Унија, Меѓународната организација за цивилно воздухопловство,, Меѓународниот Совет на Аеродроми  и Меѓународната асоцијација за авиосообраќај, сè со цел да преземеме мерки соодветно и навреме, информираат од ТАВ.

Инаку, патувањето од двата македонски аеродрома, како и од сите во светот, веќе нема да биде исто како порано. Ќе има посебни протоколи за заштита на здравјето на патниците, вработените и другите, а како најважни се посочуваат физичкото растојание и постојаното носење маска. Од ТАВ велат дека пред отворањето на аеродромите за сите детали околу новите протоколи патниците ќе бидат  информирани преку медиумите, нивната веб страница и социјалните мрежи.

-Процесите се ревидирани според препораките на националните и меѓународните институции и најдобрите практики од другите аеродроми, со цел да обезбедиме протоколи за заштита на здравјето и безбедноста за нашите патници, вработените, како и засегнатите страни. Најважните мерки се физичкото растојание и постојаното носење маска, информираат од ТАВ Македонија.

Посебни заштитни протоколи спроведуваат и авиокомпаниите. Од „Ер Србија“ и „Аустриан ерлајнс“ кои први го најавија обновувањето на авиолиниите за Скопје, меѓу другото посочуваат дека патниците самите треба да си обезбедат заштитна маска со која ќе ги покријат носот и устата и ќе ја носат за време на целиот лет.

Инаку, додека балканските земји една по една ги отвораат копнените граници со одредени ограничувања, македонските граѓани немаат информација ниту за тоа кога ќе можат да патуваат во странство по копнен пат. Премиерот Оливер Спасовски деновиве изјави дека очекува земјите од регионот наскоро да постигнат договор и да донесат одлука за отворање на границите. Тој, како што вели, е во постојана комуникација со своите колеги од соседните држави со кои се разговара за отворање на границите. Министерот здравство Венко Филипче, пак брифираше дека следната недела Владата ќе ја донесе конечната одлука.

(С.В.)