Авиокомпаниите откажаа летови, не се знае кога ќе се отворат македонските аеродроми

Големите европски авиокомпании најавуваат обновување на летовите од наредниот месец, но бараат да се лета без празно средно седиште, само со заштита на патниците со маски. Поради откажаните летови, европските авиокомпании на патниците до крајот на мај треба да им вратат 9,2 милијарди евра, па се бара решение за да не банкротираат

210

Сè уште нема најава кога ќе се отворат двата македонски аеродрома, кои поради корона кризата се затворени од средината на март.

Вонредната состојба во државата трае до сабота на полноќ, па скопскиот и охридскиот аеродром би можеле да се подготват за отворање уште од недела. Но, секој момент се очекува одлука за продолжување на вонредната состојба, со што отворањето и понатаму би било невозможно.

Унгарската нискобуџетна компанија „Виз ер“, која добива субвенции од македонската влада за да одржува евтини летови од повеќе дестинации до охридскиот аеродром „Свети апостол Павле“, и до меѓународниот аеродром „Скопје“ првично објави распоред на летање во регионот според кој во нашата држава летовите ќе ги обнови ден по завршувањето на вонредната состојба во државата, на 17 април. Но, сега е без никакви најави за старт. Соопшти само дека со нејзините авиони ќе се патува по посебни протоколи, со носење заштитни маски, чести дезинфекции и слично. Исто така, преку соопштение ги смири граѓаните кои купиле билети дека ќе им понуди начини да не бидат оштетени.

Своите планови за летови меѓу Брисел и Охрид кои беа најавени за 6 јуни ги повлече и белгиската компанија „ТУИ флај“. Летовите требаше да се одржуваат еднаш неделно, но компанијата во моментов е приземјена и продолжувањето со работа привремено е закажано за 18 јуни. Инаку, групацијата ТУИ објави дека ќе скрати  8.000 работни места во обид да ја намали основата за пресметка на цената за 30 проценти.

Како што пишува специјализираниот портал EX-YU Aviation, поради пандемијата на ковид 19 плановите ги откажале и неколкуте други авиокомпании кои ова лето требаше да почнат со нови летови кон Македонија. Тоа се СанЕкспрес која требаше да лета од Измир до Скопје и Исраир од Тел Авив. „Катар Ервејз, пак, летовите од Доха до Скопје и Сараево ги одложи до почетокот на зимската сезона, односно до 25 октомври.

Министерот за здравство, Венко Филипче, кој деновиве беше во Грција за да разговара меѓу другото и за обновување на транспортните врски, даде многу песимистичка изјава за авиосообраќајот.

– Во однос на авиотранспортот, ова е многу легитимна дилема која сите ја имаат. Прво зависи од политиката што ќе ја водат авиокомпаниите, државите во однос на аеродромите. Како што се сега најавите, очигледно дека многу тешко ќе биде да се врати авиосообраќајот онака како што беше, па да има за кратко време пристап до аеродром, поминување на безбедносните процедури. Очигледно дека сега, според најавите, тие ќе траат повеќе време, рече тој.

Во меѓувреме, некои светски авиокомпании ги обновуваат летовите до европските градови, а некои најавуваат дека ќе почнат да летаат од наредниот месец. „Визер“ на пример, во регионот пред десетина дена почна со летовите до аеродромот во бугарскиот град Варна.

Австриската авиокомпанија „Остријан ерлајнс“ објави дека ги откажала сите летови до 31 мај, а според портпаролот Марлен Пирхнер, тие  сметаат дека употребата на заштитни маски во борбата против ширењето на коронавирусот во авионите е посоодветно отколку оставање на средното место празно.

Како што пренесува БГНЕС, оваа компанија го следи пазарот и во јуни ќе ги обнови летовите. Нејзината компанија – мајка „Луфтханза“ веќе го реализира задолжително носењето маски за време на летовите.

-Блокирањето на средните места би било крајно непрофитабилно во финансиска смисла. Посоодветно е да се работи со маски и да не се оставаат слободни места за седење. Од гледна точка на животната средина, овој пристап ќе биде поддржан и затоа што во овој случај нема да мора да летаме почесто, изјавија од компанијата.

И „Луфтханза“ планира да ги обнови летовите. Ќе лета на 130 дестинации, а сите членки на групата ќе изведуваат 1.800 летови неделно до крајот на јуни, соопшти раководството. Билетите за планираните летови се во продажба.

Летовите ги обновуваат и другите членки на групата СВИС, „Јуровингс“ и „Брисел ерлајнс“, пренесува Хина.

Луфтханза преговара со германската влада за програмата за помош од девет милијарди евра од германскиот фонд за економска стабилизација за надминување на ефектите од пандемијата и падот на патувањето во периодот по смирувањето на пандемијата на ковид-19.

Од Меѓународната асоцијација на авиопревозници ИАТА оценуваат дека  обновувањето на авиопревозот во светски рамки ќе биде многу тешко. Една од пречките е задолжителниот карантин од 14 дена за патниците, што како мерка досега го предвидоа Велика Британија и Шпанија. Во анкета на ИАТА 84 проценти од испитаниците рекле дека токму карантинот им е најголема грижа, а 69 одговориле дека во такви услови нема да патуваат. Од друга страна, авиокомпаниите ќе се соочат со отпуштање вработени или банкрот доколку се почитува европската директива 261, според која за досега откажаните летови авиокомпаниите во Европа до крајот на мај ќе треба да вратат 9,2 милијарди евра. Се бара проблемот да се реши со издавање ваучери, одложено плаќање и слично за што има поддршка од 16 држави на ЕУ во кои живее 70 проценти од населението на Унијата.

(С.В.)