Абер нема „Димитрија Чуповски“ да стане пешачка улица, а „Даме Груев“ булевар

280

Изработен е основниот проект за улицата „ВМРО“ и улицата „Даме Груев“ и од раскрсницата на улицата „Димитрија Чуповски“ и улицата „11 Октомври“ до „Филип II Македонски“ и истиот е на ревизија во Град Скопје. Нема ништо и околу идејата улицата „Даме Груев“ да се прошири, за што треба да се урне зградата на „Макоил“, но и тие преговори на сопственикот со градските власти се статус кво

 

Сè уште нема абер од најавата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов улицата „Димитрија Чуповски“ да стане пешачка зона, освен за возилата на јавниот превоз. Точно пред една година Шилегов најави дека тоа ќе се случи годинава, но, засега, сè останува само на хартија, бидејќи како што информираа градските власти, согласно договорот од минатата година, избраната проектантска куќа го изработила основниот проект за улицата „ВМРО“ и улицата „Даме Груев“ и од раскрсницата на улицата „Димитрија Чуповски“ и улицата „11 Октомври“ со улицата „Филип II Македонски“.

– Во согласност со договорот од минатата година, избраната проектантска куќа изработи основен проект за посочените сообраќајници. Проектот во моментов е на ревизија во Град Скопје, кусо одговорија градските власти без да прецизираат конкретно што содржи основниот проект.

Оттаму додаваат дека идејата за пренамена на улицата „Димитрие Чуповски“ во пешачка зона со ограничен сообраќај (само за јавен превоз) е постара и истата зависи од претходно обезбедување на соодветна сообраќајна алтернатива. Тоа предвидува проширување на улицата „Даме Груев“ и целокупниот сообраќај да се пренасочи по оваа улица, на потегот од раскрсницата кај трговскиот центар „Палома Бјанка“ до Собранието на Р.С.М.

Според претходните најави, во проектната документација има и посебни услови каде се бара план за водоводна, атмосферска и фекална канализација и друг вид на инсталации. Исто така, треба да бидат предвидени велосипедски патеки, тактилни патеки за слепи лица, проект за улично осветлување со енергетско- ефикасно лед осветлување и слично.

Шилегов дури лани и најави дека се изготвуваат соодветни проекти во рамките на кои се планира целосно откупување и уривање на зградата „Макоил“ (поранешна зграда на „Макотекс“), за да се овозможи простор за проширување на улицата „Даме Груев“.

Газдата на „Макоил“, Мите Јовановски, за весникот ВЕЧЕР денеска изјави дека состојбата со неговата зграда „Макотекс“ поради која со години е закочен овој проект и пречи во проширувањето на улицата „Даме Груев“, бидејќи се наоѓа на нејзината траса, е сè уште статус кво.

– Како сопственик на зградата сè уште никој не ме контактирал. Неколку пати разговаравме со претставници од Градот. Имав повеќе предлози и не сакам да пречам во проширувањето, само сакам чесно да бидам обесштетен и да не бидам во загуба, бидејќи зградата многу скапо ја купив. Еден предлог е Градот да ми даде негови објекти и ако треба и ќе доплатам или, пак, ако се урне зградата, на дел од локацијата да изградам нова зграда – објасни Јовановски.

Од Градот, пак, велат дека активностите за оваа зграда се одвиваат во континуитет и јавноста навреме ќе биде информирана кога ќе има некој нов момент.

Инаку, по завршување на овие постапки, ќе се отвори можноста за интервенција на просторот на улицата „Димитрие Чуповски“, каде во план е тој дел да добие комплетно нов изглед, со уреден плочник и тротоари, а паркот „Жена борец“ ќе се прошири кон Собранието.

(А.П.)