Џошуа ќе има проблеми со Џерел Милер

13

Боксерскиот шампион во тешка категорија, Британецот Ентони Џошуа, својот нареден меч ќе го има во њујоршкиот „Медисон Сквер Гарден“ против домашниот боксер Џерел Милер, пренесоа сите релевантни медиуми во САД.

Со ваквиот потег, популарниот „Еј – Џеј“ ги разочара поголемиот број на љубители на овој спорт кои се надеваа дека Британецот ќе влезе во рингот против најдобро рангираните боксери како што се Дионтеј Вајлдер, Тајсон Фјури или Дилијан Вајт.

Борбата во „Големото јаболко“ ќе се одржи на први јуни, а промоторот на Џошуа, Еди Херн, ги договори сите детали со тимот на Милер, откако пропаднаа сите преговори со Вајлдер за меѓусебен дуел.

Џошуа никогаш до сега не се борел надвор од Англија, во која стана огромна ѕвезда, а за борбата со Владимир Кличко во 2017 година успеа да распродаде 90.000 места на познатиот „Вембли“. На мечот против Милер тој ќе ја брани титулата по седми пат.

Милер, кој многумина ги изненади со шансата да дојде до трите појаси на Џошуа, до сега во кариерата има 23 победи и еден пораз, а последните четири борби му беа организирани од страна на Еди Херн.

Во последните пет појавувања во рингот, Милер славеше против предизвикувачите на шампионската титула. Прво го нокаутираше Полјакот Мариуш Вах, потоа славеше против Французинот Жоан Дуоп, како и против Адам Адамек и Богдан Дину.

Триесетгодишниот Милер е роден во Бруклин, а на први јуни ќе има голема предност од „домашната публика“ за триумф против Ентони.