Џонсон најави многу тешка климатска конференција COP26

35

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска предупреди дека претстојната климатска конференција COP26 на ОН ќе биде „многу тешка“ и дека постои опасност таа да пропадне и покрај ветувањата на многу земји дека ќе се вклучат во намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

– Се разбира, точно е дека COP26 е во исто време неверојатно важен за нашата планета, но и многу тежок и, би можел да кажам, виси на конец, им рече премиерот на британските пратеници.

По отворањето на COP26 на 31 октомври во Глазгов, британската влада ќе мора за две недели да убеди околу 200 земји-учеснички да направат повеќе за да ги намалат емисиите на CO2, надевајќи се дека ќе го ограничат глобалното затоплување под 1,5 степени Целзиусови од прединдустриските нивоа, што е амбициозен праг поставен во 2015 година со Париските договори.

Пред самитот на Г20 во Рим овој викенд, Борис Џонсон рече дека 17 од 20-те земји-членки претставиле планови за намалување на емисиите на јаглерод, но Кина и Индија, два многу големи загадувачи, не го сториле тоа.

Џонсон потсетува дека државите, кои сочинуваат 80 отсто од светската економија оваа година, ветија дека ќе станат јаглеродни неутрални до 2050 година, во однос на 30 отсто земји претходно.

– Секој ден разговарам со светски лидери кои зборуваат за нови ангажмани. Но дали е тоа доволно? Се плашам дека е рано да се каже, призна британскиот премиер.

Уште во понеделникот, Борис Џонсон предупреди на ризикот од можен неуспех на конференцијата, велејќи дека е „многу загрижен бидејќи сè може да тргне наопаку“.

– Ова е многу, многу тешко, но верувам дека сепак ќе успееме, рече Џонсон.

120 светски лидери планираат да присуствуваат на најголемиот самит за климата по преговорите во Париз во 2015 година, но кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин нема да бидат меѓу учесниците.