„Џокер“, „Ирецот“ и „Си било еднаш во Холивуд“ најблиску до Оскар

122

Психолошкиот трилер, „Џокер“, во режија на Тод Филипс, годинава доби најголем број номинации за Оскар, вкупно 11, а по него следуваат биографската драма „Ирецот“ на Мартин Скорсезе и „Си било еднаш во Холивуд“ за убиството на познатата актерка Шерон Тејт на Квентин Тарантино, со по десет. Интересно е што актерката Скарлет Јохансон годинава доби две номинации за Оскар во најзначајните актерски категории – за главна и споредна улога

„Се чини дека годинава номинациите за Оскар одаваат чест на најмрачните филмови што сме ги виделе уште од 1970-тите, кога генерално остварувањата беа подобри отколку што се сега“, ќе напише Си-ен-ен. Ова се објаснува со фактот дека со најголем број, вкупно 11 номинации за престижната награда Оскар, се закити филмот кој го раскажува претворањето на комичарот Артур Флек во еден од најстрашните негативци на Готам Сити – Џокер. Жанровски означен како психолошки трилер, „Џокер“ во режија на Тод Филипс, освен номинациите за најдобар филм, за режија, како и најочекуваната – за најдобра главна машка улога за актерот Хоакин Феникс, ги доби и номинациите за најдобро адаптирано сценарио, за кинематографија, монтажа, за монтажа и микс на звук, најдобра музика, за шминка и за дизајн на костими.

По него, како што објави американската Академија за филмска уметност и наука, со по ист број номинации – 10 следуваат „Ирецот“ на Мартин Скорсезе и „Си било еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино.

Мафијашката биографска драма за убиството на лидерот на американскиот синдикат Џими Хофа – „Ирецот“ е со номинации за најдобар филм, за режија, дури две за најдобра споредна машка улога за актерите Ал Пачино и Џо Пеши (а нема за главна машка улога), потоа за најдобро адаптирано сценарио, за кинематографија, монтажа, сценографија, костими и визуелни ефекти.

Веднаш до него e и филмот за убиството на познатата актерка од 60-тите години на минатиот век, Шерон Тејт, во Холивуд од страна на озогласениот култ на Чарлс Менсон „Си било еднаш во Холивуд“. Последниот филм на Тарантино ги собра номинациите за режија, за најдобар филм, за споредна и главна машка улога, за најдобро оригинално сценарио, за кинематографија, за сценографија, костими, како и за најдобра монтажа и микс на звук.

Покрај овие три филма, за Оскар за најдобар филм ќе се борат и остварувањата „Форд VS ферари“, „Зајакот Џо џо“, „Малите жени“, „Брачна приказна“, „1917“ и „Паразит“- вкупно девет оваа година. Актерките, пак, Синтија Ериво (за „Хариет“), Скарлет Јохансон (за „Брачна приказна“), „Серса Ронан (за „Малите жени“), Шарлиз Терон (за „Тие се бомби“) и Рене Зелвегер (за „Џуди“) ќе се натпреваруваат во категоријата за најдобра главна женска улога, додека Кети Бејтц (за „Ричард Џул“), Лора Дерн (за „Брачна приказна“), Флоренс Пуг (за „Малите жени“), Маргот Роби (за „Тие се бомби“), како и Скарлет Јохансон (за „Зајакот Џо џо“) за споредна женска улога.

Интересно е што актерката Скарлет Јохансон годинава доби две номинации за Оскар во најзначајните актерски категории – за главна и споредна улога.

За Златната статуетка за најдобра машка главна улога, во трка се познатите актери Антонио Бандерас (за „Болка и слава“), Леонардо ди Каприо (за „Си било еднаш во Холивуд“), Адам Драјвер (за „Брачна приказна“), најголемиот фаворит Хоакин Феникс (за „Џокер“) и Џонатан Прајз (за „Двајцата папи“). И во категоријата – најдобра споредна машка улога конкуренцијата е „пеколна“, а во неа се: оскаровците Том Хенкс (за „Убав ден во соседството“), Ентони Хопкинс (за  „Двајцата папи“), Ал Пачино и Џо Пеши (за „Ирецот“) и познатата филмска ѕвезда Бред Пит (за „Си било еднаш во Холивуд“).

Режисерите, пак, Мартин Скорсезе („Ирецот“), Квентин Тарантино („Си било еднаш во Холивуд“), Тод Филипс („Џокер“), Сем Мендес („1917“) и Бонг Џун Хо („Паразит“) ќе ги измерат силите на 9 февруари кога ќе се одржи свечената церемонија на доделувањето на најпрестижната филмска награда по 92. пат и кога ќе се дознае кој ќе биде најуспешен од нив за оваа година.

Песните, пак, „I Can’t Let You Throw Yourself Away“ (Приказна за играчките 4), „I’m Gonna Love Me Again“(Рокетмен), „I’m Standing With You“ (Breakthrough), „Into the Unknown“ (Фрозен 2) и „Stand Up“ (Хариет) се во трка за Оскар во категоријата најдобра песна, додека филмовите „Џокер“, „Малите жени“, „Брачна приказна“, „1917“ и „Војна на ѕвездите: Подемот на Скајвокер“ за најдобра оригинална музика. Академијата по номинациите беше критикувана главно поради номинираните бели кандидати и целокупниот недостаток на различности. (Н.И.Т.)