Џејми Оливер отиде под стечај

106

Сите 25 ресторани од ланецот на познатиот кулинарски мајстор Џејми Оливер во Британија, ќе бидат ставени под стечај, како начин за заштита од кредиторите, јави БиБиСи.

Според британските медиуми, станува збор за околу 1.300 вработени, кои ќе останат без работа. Оливер, кој пред повеќе од десет години се стекна со светска слава по кулинарските шоу програми, во Британија има синџир италијански ресторани под името Jamie’s Italian. Во неговата деловна групација се наоѓаат и рестораните Barbecoa и Jamie Oliver’s Diner. Џејми Оливер вели дека е тажен поради таквиот развој на настаните и тешката ситуација со која се погодени сите.

„Би сакал да им се заблагодарам на гостите, кои уживаа кај нас и не поддржуваа во последните 10 години. Беше задоволство да ве послужуваме.”, рече Оливер.

Рестораните беа на работ на банкрот во 2017 година, кога тој вложи 12,7 милиони фунти од личната заштеда за да го спаси бизнисот. Сега на прашањето дали повторно на ист начин може да ги спаси рестораните, тој одговара дека веќе нема пари.

Во еден период рестораните на 43- годишниот кулинарски мајстор имаа долг од 71,5 милиони фунти, а во процесот на реструктуирање тој мораше да затвори 12 од вкупно 37 ресторани и да отпушти 600 готвачи и други вработени.