Ќе шетам, ама не мешам!

Овој продолжен викенд, кога ќе се слави 11 Октомври – Денот на народното востание,  едни ќе шетаат по европските метрополи Рим, Барселона , Париз, Истанбул...  на Медитеранот или на планина, а други пак забрзано се подготвуваат да направат вкусен ајвар

102

За 11 Октомври ќе патувате или ќе правите ајвар …Македонските граѓани сè повеќе за празници решаваат да ги пакуваат куферите, за, како што велат, тоа е единствениот начин да се спасат од домашните обврски. Така е и овој продолжен викенд, кога ќе се слави 11 Октомври – Денот на народното востание,  едни ќе шетаат по европските метрополи Рим, Барселона , Париз, Истанбул…  на Медитеранот или на планина, а други пак забрзано се подготвуваат да направат вкусен ајвар.

За оние домаќини на кои не им е до шетање, ама и семејниот буџет тоа не им го дозволува, празникот ќе го поминат во правење на зимница. Круната на овие  македонски специјалитети е традиционалниот ајвар. Пазарџиите велат дека пиперот се продава како алва и Скопје за 11 Октомври дефинитивно ќе мириса на ајвар.

Од друга страна, пак, туристичките работници велат дека аранжманите се распродадени уште пред десетина дена. Овој празник хит дестинација е прекрасниот остров на Средоземно Море – Кипар каде што има неколку вида на аранжмани во зависност од тоа во каков хотел ќе бидете сместени, со колку ѕвезди, дали сте со појадок или има и вечера, како и дали сами сте си го организирале патувањето со авион или оставате тоа да го направи туристичката агенција.

Цената на нашите аранжмани е различна во зависност дали сте платиле однапред или пред тргнување. Оваа есен, покрај за патување за Кипар и Малта, повторно голем е интересот за патувањата за Кападокија, кои се организирани со автобуски превоз и чинат од 175 до 199 евра. Се работи за уникатна дестинација, која ја краси богата историја, крстосница на многу култури и вери. Летањето со балон чини дополнителни 160 евра, покрај цената на аранжманот, но дава можност од височините да се ужива во овој прекрасен локалитет каде на врвот на кулите се сместени хотели, музеи… велат од една скопска туристичка агенција.

За 11 Октомври, некои од агенциите понудија интересно патување за Словенија, со посета на Љубљана, Блед, Бохињ, како и единствената во светот Постоинска Јама.

Дел од македонските граѓани ќе шетаат и ќе шопингуваат во  центарот на модата Милано и Солун. Не помал е интересот и за Рим, Барселона, Истанбул, Букурешт.

Од дестинациите во регионот актуелни се Будва со посета на манастирот Острог. Како што ни посочија од некои туристичките работници, има граѓани кои по третпат го посетуваат овој манастир и велат дека таму го пронашле душевниот мир.

Некои македонски граѓани ќе празнуваат во Малта, која и годинава е една од хит дестинациите. За патување на овој остров во Медитеранот  има разни аранжмани, кои се движат од 210 до 260 евра, со авионски превоз, но без картите за посета на културното богатство на овој остров и забавниот дел.

Оние пак кои немаат доволен буџет за подалечни дестинации се одлучија празнично уживање  да го реализираат во хотелите во  соседството, како Банско, Златибор, Копаоник, Врњачка Бања и Грција.

Во дел од хотелите во Банско  има поволност за децата до 12 години каде што се нудат цени со големи попусти за сместување во фамилијарни соби, студија или апартмани. Сместувањето е најчесто во хотели со 4 ѕвезди со појадок и вечера, но и на база на се вклучено и чинат од 23 до 30 евра по лице.

За 11 Октомври има скромни понуди и од хотелските сместувачки капацитети на Охридската ривиера, бидејќи како што велат во ек е конгресниот туризам и многу малку има слободни капацитети. Според нив покрај домашните гости очекуваат и од соседството од Грција и Албанија.

(В.Ма.)