Ќе чекаат ли 866 дивоградби кои никнале лани нов закон за легализација?

 Нелегалното градење лани процветало наспроти тоа што во тек беше постапка за носење нова регулатива за легализација според која освен редовните комуналии сопствениците на дивоградбите требаа да платат уште половина од таа вредност како казна. Евиденцијата на државата покажува дека во Скопје има 153 дивоградби од различен вид, а најбројни се во Чаир - 45, по што следи Ѓорче Петров со 39, Бутел со 37, Кисела Вода 22, Шуто Оризари 10. Не заостануваат ниту другите општини во државата, па во Кавадарци се регистрирани 85 дивоградби, во Струмица 73, Штип има 64, Охрид 59, Куманово 53, Струга 46.

191

Нови 866 дивоизградени објекти минатата година никнале на територијата на целата држава. Без документација не граделе само приватни лица и компании, туку и државата на која и припаѓаат 10 од новите дивоградби.
Нелегалното градење лани процветало наспроти тоа што во тек беше постапка за носење нова регулатива за легализација според која освен редовните комуналии сопствениците на дивоградбите требаа да платат уште половина од таа вредност како казна.
Евиденцијата на државата покажува дека во Скопје има 153 дивоградби од различен вид, а најбројни се во Чаир – 45, по што следи Ѓорче Петров со 39, Бутел со 37, Кисела Вода 22, Шуто Оризари 10. Не заостануваат ниту другите општини во државата, па во Кавадарци се регистрирани 85 дивоградби, во Струмица 73, Штип има 64, Охрид 59, Куманово 53, Струга 46.
Со неодамнешното уривање на дивоградбата кај „Мавровка“ во Скопје државата се обиде да демонстрира непопустливост кога е во прашање нелегалното градење. Но дали ќе опстои на тоа и што е поважно, дали ќе има нова регулатива за дивоградбите и каква ќе биде, нема најава. До претходниот пратенички состав во декември лани владата достави предлог на нов закон за дивоградбите, но „затрупан“ со илјадници амандмани од опозицијата тој не го здогледа светлото на денот. Неговата содржина тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески неколку пати ја најавуваше, имаше полемики во јавноста, особено по прашањето на Охридскиот регион, но законот не стигна на ред за гласање до распуштањето на Собранието поради предвремените парламентарни избори.
Не се знае дали оваа Влада ќе го актуализира повторно тој предлог на закон чија содржина беше прилично ригорозна. Освен што беше предвидено да се плаќаат повеќе комуналии како еден вид казна за непочитување на законот, со него не се даваше можност за легализација на надградбите на зградите и проширените тераси. Исклучени од можноста за легализација беа и дивоградбите во заштитеното подрачје на Охридскиот регион. Исто така, со овој законски текст беше предвиден и нов рок за легализација на дивоградби. Требаше да се однесува за дивоградбите изградени во периодот од 11 март 2011 година, до кога беше рокот за легализација со претходната регулатива, па до октомври лани.
Градежната регулатива сè уште не е заокружена. Од следната недела се очекува да почне примената на новиот Закон за урбанистичко планирање, донесен лани во декември, но нов закон за градење допрва треба да се подготви и да се донесе.
Примената на новиот Закон за просторно планирање се одложи затоа што во услови на корона-криза не можеа да се подготват правилниците. Сега се очекува новиот закон да обезбеди поголема транспарентност и учество на сите засегнати страни во процесот од планирање, па сè до носење на плановите.
-Правилникот ги утврдува стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и обезбедува рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот преку ефикасно зачувување на просторните ресурси, се создава унапредување на условите за хумано живеење, се сочувува квалитетот и се унапредува животната средина како и недвижното културно наследство, велат од Министерството за транспорт и врски.
Со овој Закон се воспоставени нови правила на вклученост, транспарентност, стручност и отчетност на сите чинители во процесот на изработување, донесување, спроведување и надзор над урбанистичките планови, пракса која првпат се јавува во оваа дејност и е единствена опција за решавање на состојбите во урбанизмот.
Во програма за наредните четири години Владата најавува дека целосно ќе ги усогласи системските закони што ја регулираат областа на градежништвото и урбанизмот. Владата се обврзува да ја зајакне и најслабата алка – инспекцискиот надзор и надлежностите на државниот инспекторат за градежништво и урбанизам преку воведување регионални урбанистички инспектори. Си зема обврска и да обезбеди подобар квалитет на градбите, особено оние што ги гради државата.