Ќе се субвенционираат еколошките такси- возила, ЈСП со нови автобуси и мрежа на линии

114

Град Скопје ќе го субвенционира такси превозот за такси-компаниите кои ќе набават еколошки возила. За таа цел ќе биде распишан јавен повик за субвенционирање на еколошки такси – возила. Ова е предвидено во развојниот плана за јавен превоз на патници на подрачјето на Град Скопје за периодот од 2023 до 2025 година кој е на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје што ќе се одржи в четврок.

Градот Скопје ќе продолжи со реформирање на автобускиот превоз и сукцесивно ќе почне да го обновува возниот парк на ЈСП Скопје со нови еколошки автобуси.

– Во тек е изработка на студија за нова мрежа на линии со кои ќе се добие оптимална мрежа согласно на потребите на корисниците на јавниот превоз. Ќе се продолжи со обновување на урбаната опрема на автобуските стојалишта и терминали, со истовремено нејзино техничко, визуелно и естетско типизирање, како и унапредување на системот за информирање на корисниците на линиски превоз на патници кој има за цел да обезбеди навремена и точна информација за линиите и возните редови кон крајните корисници – патниците – се наведува во развојниот план.  

Меѓу активностите се и унапредување на контролата на сообраќајот на автобусите и линиите (контрола на реализацијата на елементите за одржување на линиите, како и на возниот ред) преку системот на автоматска локација на возила, следење на нивното движење, регулација и контрола на единствениот возен ред на возилата за јавен превоз и линиите и мониторирање на системот (систем на АЛВ), со цел нивно оптимирање и подобрување на елементите на квалитет во јавниот превоз.

– Усовршувањето на интегрираниот тарифен систем (ИТС) е со цел да се обезбеди поголема проточност на патниците во возилата и да се подобри квалитетот на превозот – се вели во образложението на развојниот план.

Инаку, целта на превземањето на наведените активности во рамките на развојниот план е преку унапредувањето на линискиот превоз на патници, да се обезбеди изградба на ефикасен урбан транспортен систем, со цел да се зголеми бројот на превезени патници, продуктивноста и транспортната работа кај превозниците, кое би резултирало со зголемување на доверливоста, намалување на времето на патување, расположливоста на јавниот превоз (намалување на време на пешачење и време на патување), зголемување на удобноста, зголемување на интегрираноста, подобрување на информирањето на корисниците на линискиот превоз на патници, како и подобрување на такси превозот.

Овој развоен план ќе се финансира од: сопствени извори на приходи на ЈСП, од буџетот на Град Скопје, од дотации, од Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), како и други начини на финансирање и кредитирање во согласност со Град Скопје.

Откако на огласите за доделување пакет линии во јавниот градски превоз не се јави никој од Град Скопје немаат намера да ги повторат.

– Град Скопје им даде можност за сите оние кои сакаат чесно и одговорно да работат и заработуваат од јавниот превоз, да се пријават на јавниот повик, соодветно. Бидејќи нема истакнат интерес ЈСП  продолжува со сопствен капацитет да извршува непречен, навремен и стандардизиран јавен превоз. За оваа година, со цел подобрување на услугите на јавниот превоз, планирано е и дополнително зголемување на капацитетите на ЈСП со нови еколошки автобуси – нагласија градските власти.

(А.П.)