Излозите на 68 дуќани во Старата скопска чаршија ќе бидат подновени, но ќе се задржи нивната автентичност. Носители на работите се општините Чаир и Центар коишто оваа задача ја добија од Министерството за економија кое за оваа намена им префрли 11.330.000 денари.
Активностите се планира да започнат во септември. За таа цел, деновиве е објавен оглас за избор на најповолна понуда од фирма која ќе ја спроведе конзервацијата, санацијата и адаптацијата на излозите во Старата скопска чаршија.
– Ги завршивме проектите, па до крајот на годинава и треба да се реализира предвиденото. Ние како Министерство за економија им ја предадовме оваа обврска на општините Чаир и на Центар, на чија територија се наоѓаат тие. Предадени им се и проектите, а воедно им дадовме и средства и тоа по 110.000 денари за дуќан. На Општина Чаир и дадовме 9.700.000 денари, додека на Општина Центар 1.800.000 денари – изјави за весникот „Вечер“ раководителот на Секторот за туризам и угостителство во Министерството за економија, Беким Хаџиу.
Од Службата за односи со јавноста во општина Чаир велат дека покрај подновувањето на излозите на 68-те дуќани, дополнително конзервација, санација и адаптација се планира и на излозите на уште 44 дуќани.
– Плус 44 дуќани ќе се реализираат во соработка со Светската банка, за што општина Чаир доби грант во вредност од 820.000 евра, во кој влегува и реконструкција на калдрмата на главната улица на влезот од чаршијата, виртуелизација, како и поставување на сигнализација, одржување на меѓународни конференции со други градови кои имаат ваква чаршија – велат надлежните служби на општината Чаир.
Од општина Центар велат дека од Министерството за економија побарале дополнителни средства за да можат квалитетно да ги направат излозите.
– Имавме некои забелешки на проектите. Тука игра улога и финансискиот дел. Во ред е тоа што Министерството за економија ни додели средства, но сепак Старата скопска чаршија е нешто што е од витално значење за градот и затоа треба многу да се внимава – дециден е градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Тој додаде дека на општина Центар ѝ припаѓа 10 проценти од Старата скопска чаршија, а 16 дуќани се во нивната територија.
– Дел од нашите ветувања, меѓу другото за Старата скопска чаршија и околината беше да се направи паркот „Ибни Пајко“, да се регулира сообраќајот и да се им се овозможи на пешаците слободно да се движат, како што беше поставувањето на столпчиња кај Кале – потенцира Богдановиќ.
(А.П.)