Ќе се патува без корона-пасоши, но задолжително со маски 

Иако голем број држави најавуваа дека за влез во државата ќе бараат „имунолошки пасоши“, кај нас познати како корона-пасоши, Европската комисија смета дека овој принцип не е ефикасен во борбата против коронавирусот.

43674

Државите почнуваат да ги отвораат границите за странски државјани, но патувањата повеќе нема да бидат едноставни бидејќи за влез во друга држава нема да може да се патува само со патна исправа и евентуално виза како пред пандемијата со коронавирусот. Дел од државите ги подготвуваат правилниците, а европските ја чекаа рамката на упатствата и препораките за туризмот и транспортот што во средата ја презентираше Европската комисија.

Оттаму велат дека комисија бара членките на Унијата да се водат од нејзините препораки за да се спаси туристичката сезона, а истовремено да се сведе ризикот од втор бран на ковид-19 на минимум. Препорачуваат, укинувањето на рестрикциите да оди во фази, на координиран и флексибилен начин, што значи дека мерките ќе можат повторно да бидат воведени доколку биде потребно.

– Конкретно, земјите треба да оценуваат дали може да се отворат граници и со кои земји врз основа на епидемиолошката состојба, а се препорачува да се координираат, посебно доколку се соседи. ЕК сака да им даде приоритет на прекуграничните активности во клучните области, како и на патувањата од лични и семејни причини. Од земјите членки се очекува да не дискриминираат, што значи дека не би смеело да забрани влез за граѓани од земја со слична епидемиолошка слика како и друга земја за која е дозволен влез. Комисијата сака, исто така, да види ефикасна координација помеѓу земјите членки во однос на активирањето на сите средства за превоз – авион, воз, брод, итн. – со јасни правила за употреба на заштитната опрема и протоколи за патници со симптоми на коронавирусот. Истото важи и за хотелите, и други угостителски објекти, препорачуваат од ЕК. Комисијата сака да ги направи ваучерите за патувања трајна и одржлива алтернатива во случај на откажано патување, со валидност од дванаесет месеци, под истите услови и за истата рута.

Иако голем број држави најавуваа дека за влез во државата ќе бараат „имунолошки пасоши“, кај нас познати како корона-пасоши, Европската комисија смета дека овој принцип не е ефикасен во борбата против коронавирусот.

-Нема научни веродостојни докази да се поддржат имунолошките пасоши или серолошките тестови за да се утврди дали некоја има ковид-19 пред патување, рече еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес. Иако комисијата не може да им забрани на земјите членки на ЕУ да воведат ваква мерка, комесарката за здравство нагласува дека и Европскиот центар за контрола на болести и Светската здравствена организација веќе појасниле дека ова решение содржи ризик.

-Некој може да биде негативен, да патува и да се зарази отпосле, потребно е да знаеме кои мерки постојат кога некој влегува во некоја земја за да можеме да одговориме ефикасно и транспарентно, што значи дека е важен капацитетот на здравствениот систем, тестирањето и следењето на контактите, информациите се клучни во смисла на преминување во следната фаза, рече комесарката.

Грција беше првата земја која го постави прашањето за туризмот во европскиот јавен дијалог, па најави дека во следните денови ќе биде претставен комплетниот план на Владата за рестартирање на туризмот, „со главен критериум заштита на јавното здравје и поддршка на работните места”.

Копјата меѓу туристичките асоцијации на Грција и владата се водат околу третирањето на туристите од соседството, тука мислат на нас и Србите, како најредовни гости, но и на Албанците и Бугарите кои во голем процент поминуваат на одмор во Грција. Имено, туристичките работници инсистираат да има поблаги мерки за туристите од соседството и да не им се бараат тестови за вирусот, туку да им се мери температура на влез во државата. По притисокот што го вршат врз грчката влада, има размислување туристите да ги поделат според начинот на кој ќе дојдат во Грција. Па, така за оние кои со авион ќе слетаат во Грција ќе мора да имаат тест или да го направат на аеродромот каде ќе слетаат, додека за оние кои ќе патуваат со кола, ќе им се мери температура на граница.

Сепак, поради најавените високи температури за викендот, се отвораат сите организирани плажи во Грција. Плажите ќе работат под одредени правила и прописи, меѓу кои регистрирање на бројот на посетители; 40 лица на 1.000 метри квадратни; четири метри растојание меѓу чадорите; по две лежалки на секој чадор; растојание од еден и пол метар меѓу лежалките од различни чадори.

На вработените им се препорачува да носат маска, а ќе бидат обврзани да ги дезинфицираат лежалките по секој посетител.

Од 1 јуни и Србија ги отвора границите со четири соседни земји, меѓу кои и со нашата држава, па Кризниот штаб на Србија донесе Одлука за странските државјани кои сакаат да влезат во државата под два услови – негативен ПЦР тест за коронавирус не постар од 72 часа и потврда издадена од комисија составена од претставници на Министерството за здравство, Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, Министерството за надворешни работи и Министерството внатрешни работи. Од друга страна, сите странци кои доаѓаат, а немаат доказ за направен тест, ќе мора да одат во изолација.

Србија ќе направи тестови за секој што ќе го побара тоа, а тие ќе бидат направени исклучиво во државните лаборатории, а цената ќе биде околу 60 евра. Ова се правилата што ќе важат до 31 мај, а потоа постои можност тие да бидат порелаксирани велат од Кризниот штаб на Србија.

Викендов, Хрватска неформално ги отвори своите граници за туристите, потсетувајќи дека и таму Правилникот ќе се прави врз основа на одлуката за туризмот на ниво на ЕУ.

Туризмот е една од најпогодените стопански гранки поради коронавирусот. Иако европската сезона на годишни одмори се очекува да почне во јули, за да дојде на ниво на кое  беше пред кризата со коронавирусот ќе се случи најдоцна до 2022 година.