Ќе се набавува цветен расад за разубавување на градот

81

Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ се подготвува за набавка на цветен расад за наредната година. Веќе е распишан тендер за набавката, а како што информира директорот на претпријатието, Ардијан Муча, се работи за есенски, пролетен и летен цветен расад за наредната година.

Се работи за 50 видови цвеќиња, а се бара по 15 до 25 парчиња, со исклучок на цвеќе од видот „chrysanthemum“- f 400, за кој се бара од 30 до 40 парчиња и видот „chrysanthemum“- f 500, за кој се бара од 40 до 50 парчиња.

Како што е наведено во тендерот, расадот треба задолжително да биде испикиран во саксија и да е во фаза на цветање. Заинтересираните, своите понуди треба да ги достават до 14.09.2020 година до 10 часот, кога и ќе се спроведе нивното јавно отворање.

 

Освен за цветен расад, „Паркови и зеленило“ заедно со Градот се подготвуваат и за распишување на тендер за садници со кои ќе се обноват дрворедите, парковите, средишното зеленило по булеварите во Скопје, чија набавка беше одложена заради пандемијата со корона вирусот.

– Се подготвува тендерот. Во моментов, нашите инженери се на терен и прават анализи каде е потребно да се создадат нови дрвореди, во кои паркови треба да се обнови зеленилото, како и каде треба да се обнови средишното зеленило по булеварите- изјави за весникот ВЕЧЕР, Ардијан Муча.

Тој потенцираше дека ќе се набавуваат исклучиво висококвалитетни дрвја, како и украсни садови.

За тоа кога ќе биде објавен тендерот, Муча истакна дека зависи од Градот и од завршување на потребните анализи на терен.

(А.П.)