Службите на Град Скопје и јавното претпријатие „Улици и патишта“ ги започнаа подготвителните активности за реализирање на првата фаза од проектот за изградба, реконструкција и покривање на Усјанскиот канал.
Од Град Скопје информираат дека се спроведува акција за целосно чистење, отстранување на нискостеблестата и дивоизраснатата вегетација, машинско чистење во внатрешноста и од страните на каналот, како и расчистување на останатиот површински дел и пристапните патеки кон каналот.
– Приоритетни локации каде што најпрво се спроведува акцијата за чистење се оние што се населени – децидни се градските власти.
Инаку, за реализација на проектот вреден над 172 милиони денари, Град Скопје склучи договор со фирма од селото Бојане, која ќе работи според готов основен проект за изградба, регулација и покривање на Усјанскиот канал, во должина од 2,5 километри.
Со години жителите што живеат во близина на овој канал се жалат на неподнослива смрдеа што се шири, а досега ниту една гарнитура од градските власти не успеа да го реши проблемот и да го затвори каналот, кој е со вкупна должина од 3,6 километри. Тој минува низ селото Усје и населбата Горно Лисиче и ги собира поројните води од неколку суводолици од Водно, а, исто така, и отпадните и атмосферски води од општините Аеродром и Кисела Вода и се влева во Вардар кај Горно Лисиче.
(А.П.)