Општина Гази Баба распиша тендер за изработка на план за затворање и ревитализација на дивите депонии, кои прво ќе се мапираат и анализираат, со предлог финансиска конструкција колку ќе чини нивното чистење, затворање или ревитализирање. Регистрирани се неколку депонии во руралниот дел (Раштак, Трубарево, Јурумлери, Инџиково, Смилковци, Вардариште, обиколницата околу Град Скопје, Кадриово Маало, Камник и Дрма), како и во урбаниот дел на Општината (Ченто, Ќерамидница, Вардариште)
Општина Гази Баба ќе затвора и ревитализира одредени диви депонии, кои се создаваат во руралниот и во урбаниот дел. За таа цел, распишан е тендер за изработка на план за нивно затворање и нивна ревитализација.
Според тендерската документација, изведувачот е должен да направи попис на дивите депонии на територијата на Општина Гази Баба, нивно мапирање со ГИС- координати и приказ на Google map, анализирање на теренот (опис на локацијата, сопственост на земјиштето, големина на ѓубриштето со проценка на количината на отпадот депониран на локацијата и фотодокументација), проценка на ризикот, категоризација на видовите отпад депонирани на локацијата, рангирање на дивите депонии по приоритет, проценка на финансиските средства потребни за нивно затворање или ревитализација.
Избраниот изведувач е должен да го изработи планот во рок од пет месеци по добивањето на писмениот налог за започнување со работа.
– Целта на оваа јавна набавка за изработка на план за затворање и ревитализирање на дивите сметишта е да се детектираат сите поголеми диви сметишта на територијата на Општина Гази Баба, да се геореференцираат, односно да се дознае нивната позиција и да дознаеме сликовито во кое населено место има диви сметишта. Освен тоа, и да се одредат моменталните количини отпад и да се дознае каков отпад се одлага за да може да се направи финансиска конструкција за сите диви сметишта, колку би чинело нивното ревитализирање или затворање, односно да се види дали ќе има доволно средства и со која динамика би се реализирало затворањето или ревитализирањето – објасни Никола Јовановски, раководител на Секторот за заштита на животната средина и природата во Општина Гази Баба.
Според него, со тоа ќе се воспостави ред, но и ќе се влијае на менување на менталитетот на граѓаните дека отпадот не треба да се фрла секаде.
Како што е наведено од Општина Гази Баба во тендерската документација, на нејзина територија се регистрирани неколку депонии во руралниот дел (Раштак, Трубарево, Јурумлери, Инџиково, Смилковци, Вардариште, обиколницата околу Град Скопје, Кадриово Маало, Камник и Дрма), како и во урбаниот дел на Општината (Ченто, Ќерамидница, Вардариште). На овие локации, како што наведуваат од Општина Гази Баба, најчесто се фрлаат мешан комунален отпад и градежен шут, а понекогаш и други видови отпад.
Оттука, според општинските власти, проблем со кој се соочуваат е нерегулираното депонирање на отпадот на јавни површини или на места во индивидуална сопственост, со што, од една страна, се создава неуреден простор, а, од друга страна, се врши оптоварување на животната средина.
Од Општина Гази Баба велат дека несоодветното управување со отпад може да предизвика директно негативно влијание врз загадувањето на почвата, површинските и подземните води, кое индиректно може да влијае и врз нарушување на здравјето на населението во Општината.
Собирањето отпад во урбаниот дел на оваа Општина се врши од осум блока, од кои во три има контејнери од 1.100 литри и пет блока со пластични канти од 120 литри и шест микролокации со подземни контејнери. Отпадот од контејнерите од 1.100 литри се собира шест пати неделно. Комуналниот отпад од руралните населени места се собира од 20 блока, а транспортирањето на комуналниот отпад од руралниот дел е еднаш седмично.
(А.П.)