Ќе се гради нов кат на детската градинка „Детелинка” во Крива Паланка

83

Со новиот договор што Министерството за труд и социјална политика го потпиша во понеделникот за грантови за изградба на нови градинки со пет општини во вкупен износ од 228.100.000,00 денари, одобрени се 23.500.000 денари за изградба на нов кат на објектот на детската градинка „Детелинка” од Крива Паланка.

– Со средствата од овој грант, обезбеден со поддршка од Светска банка ќе се изгради нов кат, надградба на постојниот објект на градинката „Детелинка” во Крива Паланка, лоциран на улица „Илинденска”, во центарот на градот. Со градбата на новиот кат ќе се прошири капацитетот на објектот за згрижување за околу 100 деца, а МТСП ќе обезбеди и дополнителни средства за опремување. Ова ќе биде од големо значење за надополнување на тековните активности за реновирање и реконструкција, подобрување на условите во оваа установа, каде што неодамна со грант од ФООМ и Министерството за труд и социјална политика беа опремени две нови занимални, а во тек е реконструкција на покривот и ќе се поставува термоизолациона фасада – изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Општинската јавна установа детска градинка „Детелинка” располага со три објекти со капацитет за згрижување на 350 деца во јасли, градинка и забавиште.

Од оваа учебна година во установата се спроведува и полудневен престој за деца од прво до петто одделение.