Ќе се гради нова црква на местото на „Св. Спас“

100

Православната црква „Св. Спас“ во кочанското село Бели е веќе урната и на нејзино место ќе се гради целосно нов верски објект.

Црковниот одбор, составен претежно од млади жители на селото, веќе ја почна постапката за обезбедување на потребната техничка документација и за финансиските средства за реализирање на градежните работи.

– Нашата црква беше во многу незавидна состојба, поради дотраеноста на материјалот сама се распаѓаше и не можевме да ги извршуваме редовните верски обреди и да одржуваме литургии. Донесовме одлука да ја урнеме и заеднички да изнајдеме средства за изградба на нов храм. Имаме најави за донации од месното население, од компании од општината, како и од наши иселеници во странство- истакна Иван Данов, член на Црковниот одбор од село Бели.

На собирот на месното население што го организирал Црковниот одбор, донесена е одлука секое домаќинство да учествува просечно со донација од по 200 евра на годишно ниво, сѐ додека трае изградбата на црквата.

Според првичните проценки се очекува дека изградбата ќе чини околу 120 илјади евра.

Планирано е новата црква да го задржи првобитниот изглед како и старата, односно да се гради на претходните темели, со истите димензии, но да се додаде една купола на покривната конструкција. Со тоа ќе се добие подобар естетски изглед и ќе се подигне функционалноста, односно осветлувањето на внатрешноста.

Благослов за поставувањето на камен-темелникот и почетокот на градежните работи на новиот објект на црквата „Св. Спас“ е добиен и од Брегалничката епархија, а се планира изградбата да почне напролет, со подобрувањето на временските услови.