Хаосот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе се реши со изградба на две катни гаражи. Владата на завчерашната седница ја усвои Предлог-одлуката за започнување постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство (ЈПП) за изградба на гаражите.

Како што соопшти владината прес-служба, целта на постапката за доделување на договор за ЈПП за изградба на две катни гаражи во најголемиот клинички комплекс во Скопје е финансирање, дизајнирање, изградба на објектот, користење, управување и одржување на новиот објект се со цел да се исполни целта на ЈПП и давање на квалитетна услуга.

– Со овој модел на ЈПП, приватниот партнер ќе биде одговорен за финансирање на дизајнот, финансирањето на изведбата на градбата, целосно опремување, управувањето и одржувањето на двете нови катни гаражи, појаснуваат од Владата.

Од таму додаваат дека Министерството за здравство ги информирало дека во постапката за изнаоѓање решение за регулирање на паркирањето на возила во рамките на Комплексот клиники „Мајка Тереза“, потребно е да се спроведе постапка за доделување на договор за ЈПП за изградба на монтажни катни гаражи.

– Министерството за здравство ја информира Владата дека треба да се формира Комисија која ќе спроведе постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на монтажни катни гаражи кои претставуваат најфункционално решение – изјавија од прес-службата на Владата.

Воедно, според изготвената физибилити студија за инвестицијата преку направената анализа за потребата од паркинг места во комплексот клиники е утврдено дека е потребно да се обезбедат вкупно 2.500 паркинг места. Обезбедувањето на овие места треба да се направи со изградбата на монтажните катни гаражи на првично одредените локации во комплексот.

Од Министерство за здравство потенцираа дека со физибилити студијата за јавно приватно партнерство  се предвидени две локации за изградба на катни гаражи.

– Едната катна гаража ќе биде на местото на старата Клиника за гинекологија и акушерство, додека другата на местото кај хелиодромот. Монтажната катна гаража која ќе биде лоцирана до Клиника за гинекологија и акушерство ќе обезбеди паркинг простор за 350 моторни возила. Монтажната катна гаража е со димензии од 70 на 50 метри, површина на ниво од 3.500 квадратни метри, или вкупна површина од 10.500 квадрати. Оваа гаража ќе има приземје и плус две нивоа за паркирање – информираат од Министерството за здравство.

Втората монтажна катна гаража која се предвидува да биде лоцирана на постојниот отворен паркинг, во близина на хелиодромот ќе обезбеди паркинг простор за 493 моторни возила. Оваа монтажната катна гаража е со вкупна квадратура: 80 х 45 метри и 37 х 36 метри, површина на ниво од 4.900 квадратни метри. или вкупно 14.796 квадратни метри. И оваа гаража ќе има приземје и две нивоа за паркирање. Од Министерството за здравство додаваат дека со физибилити студијата се предвидува модел на ЈПП за изградба и стопанисување на катните гаражи за да не се создаваат дополнителни оптоварувања на буџетот.

– Се очекува Владата да донесе одлука за формирање комисија за спроведување на постапката за ЈПП, по што комисијата во рок од 30 дена треба да изготви тендерска документација со која би се започнала постапката на технички дијалог по што би се спровела постапката за ЈПП во согласност со законски утврдените рокови.

И во рамките на инвестиционата програма на јавното претпријатие „Градски паркинг“ за 2019 година, се предвидува изградба и на две монтажни катни гаражи во рамките на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со вредност од 50 милиони денари, со што капацитетот на ова паркиралиште предвидено е да се зголеми за дополнителни 350 паркинг. Според инвестиционата програма на ова ЈП, едната катна гаража предвидено е да биде изградена во непосредна близина на Клиниката за гинекологија, а другата во непосредна близина на Клиниката за инфективни болести.

– Со изградбата на овие две катни гаражи ќе се зголеми проточноста на возилата во кругот на клиничкиот центар што во најголем дел се возила во сопственост на вработените. Со тоа ќе се намали сообраќајниот метеж кој подолг период се создаваше и го нарушуваше редовното функционирање на клиничкиот центар, стои во програмата на „Градски паркинг“.

Ниту од Владата, ниту пак од Градот добивме потврда дали се работи за истите две катни гаражи и дали со нив ќе стопанисува јавното претпријатие „Градски паркинг“.

Од Владата истакнаа дека по спроведување на постапката за јавно-приватно партнерство ќе се знае кој ќе стопанисува со катните гаражи.

(А.П.)