Изборна претседателска кампања е во полн ек, а веќе се провлекува и кампањата за парламентарните избори, иако таа не е официјално започната. Целиот фокус на политичарите е на двојните избори и на тоа како да привлечат што повеќе избирачи да го дадат својот глас за нив, додека споените првомајски и велигденски празници го отвораат хоризонтот за мини-пролетен одмор на македонските граѓани.

Ова го отвора прашањето дали празничната недела ќе ја испразни Македонија и ќе има ли кој да гласа на изборите на 8 мај, со оглед на тоа дека во тој период работни се само 2 и 7 мај, што е идеално за „спојка“. Во таков случај, во главно, електорат ќе бидат поголемиот број од пензионерите и оние вработени во јавната администрација кои се политички ангажирани.

Комуникологот Бојан Кордалов, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека токму овие избори ќе ја испратат финалната порака до политичарите дали според нив ја заслужуваат довербата или не. Тој смета дека политичарите треба да се докажуваат кај граѓаните, да се борат за нивната доверба и да ги мотивираат да излезат да гласаат.

-Со други зборови, од тоа дали ќе имаме повеќе луѓе на граничните премини кон излетничките и туристичките места или на избирачките места ќе може јасно да се измери популарноста и довербата којашто сите политичките партии ја имаат, или пак, ја немаат помеѓу луѓето. Според мене како комуниколог, политичарите треба да се докажуваат кај граѓаните, да се борат за нивната доверба, да ги мотивираат да излезат да гласаат. Одамна заврши времето и се надевам целосно ќе остане зад нас, кога граѓаните трчаа по политичарите и по институциите, туку напротив, како во секоја нормална демократија, политичарите ќе бидат тие кои ќе се плашат од гласот на граѓаните на гласачкото ливче, но и во секојдневието. Бидејќи се споени претседателските и парламентарните избори, не мислам дека ќе имаме ризик од постигнување на цензус, иако веќе доволно ниско се наоѓаме на скалата на луѓе кои гласаат и ако стане редовна пракса да се спуштиме со излезност под 50 проценти, веќе не ни треба да вклучиме само црвен, туку и најсилен портокалов аларм, вели Кордалов.

Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека иако дел од гласачите ќе заминат на туристичките места, сепак, пофреквентни ќе бидат гласачките места и кутиите нема да останат празни.

-Мислам дека повеќе гужва ќе има на гласачките, отколку на туристичките места. Иако нам ќе ни изгледа многу, дел од гласачите ќе заминат во Врање, Солун и слично, но дел од луѓето се вклучени во изборните процеси – дали на избирачките кутии, дали во политичките партии дали како набљудувачи… Администрацијата е зафатена и вклучена во изборниот процес, и да сакаат нема да можат да ги искористат, вели Пекевски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Претседателските избори ќе се одржат на 24 април, а вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори, кога од 1 до 9 мај, работни се само 2 и 7 мај. Како што беше најавено, на последната седница, Владата ги определи за неработни денови 24 април (среда)  и 8 мај (среда),  за кога се распишани изборите, за сите граѓани на територијата на Македонија. Владата препорача на работодавачите од приватниот сектор на територијата на Македонија да ги спроведат овие заклучоци.

-Во Информацијата од Министерството за труд и социјална работа е посочено дека имајќи го предвид Решението за распишување на избор за претседател на Македонија („Службен весник “ бр.37/24), како Решението за распишување на избори за пратеници во Собранието на Македонија („Службен весник “ бр.37/24), потребно е секој граѓанин да може непречено да го оствари своето право на глас, во избирачката единица во којашто е регистриран, се вели во владиното соопштение. (В.С.Н.)