Ќе се вратат ли кочанскиот ориз, тетовскиот грав, беровскиот компир… на македонските трпези?

1619

Потребно е да се стави ред на неконтролираниот увоз на земјоделски производи за да се вратат домашните земјоделски производи на трпезите. Земјоделците велат дека на пазарите владее хаос од неквалитетни увозни производи со високи цени, а цехот на крај го плаќаат граѓаните. Тие не веруваат дека македонските граѓани ќе можат како порано да јадат кочански ориз, тетовски грав, беровски компир…., бидејќи веќе ги нема на нивите. Производството на домашните земјоделски производи последниве години е многу намалено за сметка на увозот.

-Проблем е што на пазарите владее зелена мафија. Имаме стихиен неконтролиран увоз на земјоделски производи со сомнителен квалитет. Изостануваат инспекциските контроли, потребно е поголема контрола од страна на Пазарниот и Земјоделскиот инспекторат за тоа кој продава, од каде е стоката. Пазарите на мало се запоседнати од трговците и земјоделците немаат пристап до пазарите на мало. Државата треба да го реши овој проблем и да стави ред на пазарите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорги Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Според него, потребно е сите трговци на пазарите да се фискализираат и да се контролира кој продава и што се продава на пазарите.

-Овој хаос кој владее на пазарите на крајот го плаќаат граѓаните кои секојдневно се жалат дека не можат да најдат квалитетен компир, грав, ориз… Се изгуби квалитетот, но се изгуби и домашното производство. На македонските ниви сè помалку ги има овие производи, сè е од увоз. Поради тоа граѓаните мораат да плаќаат повисока цена за производи кои се со многу послаб квалитет од домашните, објаснува Каракашев.

Овој хаос, кој владее на пазарите, на крајот го плаќаат граѓаните кој секојдневно се жалат дека не можат да најдат квалитетен компир, грав, ориз… Се изгуби квалитетот, но се изгуби и домашното производство. На македонските ниви сè помалку ги има овие производи, сè е од увоз. Поради тоа граѓаните мораат да плаќаат повисока цена за производи кои се со многу послаб квалитет од домашните, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорги Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа

На зелените пазари во државата веќе се е измешано. Граѓаните веќе немаат доверба во оние производи кои ги продаваат како домашни. Велат дека купуваат тетовско гравче, а дома кога ќе дојдат и кога ќе го зготват гледаат дека ниту се вари така брзо, ниту е вкусно. Исто е и со компирот, оризот, кромидот, лукот… не знаат дали е домашен или увезен од Пакистан, Киргистан, Турција, Албанија, Полска…

Познавачите на состојбите на пазарот велат дека кочанскиот ориз, тетовскиот грав, беровскиот компир… нема да се вратат наскоро на македонските трпези, бидејќи веќе ги нема на нивите. Производството на домашните земјоделски производи последниве години е многу намалено за сметка на увозот.

-За да се заштити домашното производство потребни се поголеми инспекциски контроли на пазарите кои ќе проверуваат од каде е компирот, дали е произведен дома или е увезен. Ако е прекупен да се види од каде доаѓа, а ако е произведен дома да се види каде е произведен. Исто така, треба да се види кој што произведува дали произведува еден или повеќе земјоделски производи…, коментираат експертите.

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, неодамна на земјоделците од Чешиново Облешево им вети дека оризот ќе биде под силна поткрепа и заштита. Тој вети дека брендот „македонски ориз“ ќе се врати на, како што рече, својот препознатлив квалитет во регионот.

– Македонскиот ориз нема да остане неоткупен, домашното производство и маката на земјоделците ќе се вреднува. Заврши времето кога се увезуваше ориз од Индија и Пакистан. Го враќаме брендот „македонски ориз“ на својот препознатлив квалитет во регионот, истакна Трипуновски.

Според земјоделските експерти, треба да бараме економска одржливост на земјоделството за да го вратиме производството, квалитетот и количествата на земјоделските производи. (А.С.)