Ќе се бира брачен пар за петнаесеттата пијанечко-малешевската свадба

14

Културно уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево го објави јавниот конкурс за избор на брачен пар за јубилејното 15 издание на пијанечко-малешевската свадба, како придружна манифестација на фестивалот „Делчево Фест 2021“.

Уметничкиот раководител Зенил Реџепов ги повика заинтересираните да се пријават и со своето учество да придонесат во манифестацијата која ги негува традиционалните свадбарски обичаи од регионот на Пијанец и Малеш.

-Конкурсот е отворен еден месец, и еден од најважните услови е еден од младоженците да потекнува од пијанечко-малешевскиот крај. Исто така, важно е да имаат склучено граѓански брак или тоа да го направат најдоцна пред почетокот на самата манифестација-истакна Реџепов.

Раководителот на КУД „Гоце Делчев“ во зависност од ситуацијата со пандемијата не ја исклучува можноста манифестацијата, исто како и минатата година, да се реализира он-лајн.

-Минатата година заедно со фестивалот „Делчево Фест“ тоа го направивме онлајн, затоа што така налагаа здравствените протоколи. Да се надеваме дека до септември кога е главната имплементација на свадбата ќе нема поголеми рестрикции што ќе значи дека конечно по пауза од една година повторно настанот ќе се организира на отворено-потенцираше Реџепов.

Сите заинтересирани зa учество на оваа манифестација своите апликации треба да ги достават на официјалната адреса на КУД „Гоце Делчев“, а за повеќе информации заинтересираните ги упатија да ја посетат нивната официјална фан страна на фејсбук.