Ќе свирне ли за брзо возот од Битола за Лерин? Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски вели дека има политичка волја за тоа, а што се однесува за инфраструктурата, таа е подготвена.
– Минатата недела имавме средба со државниот секретар, кој ја предводеше делегацијата од министерството за транспорт на Грција. Драго ми е што од двете страни се потврди политичката волја за повторно воспоставување на една добра пракса на соработка и комуникација помеѓу двете држави. Од нашата страна инфраструктурата е подготвена и сега останува директорите на двете железнички претпријатија со своите работни групи да ја продолжат оваа комуникација и да ги утврдат сите натамошни процедури за овој сообраќај повторно да профункционира – рече Бочварски.
Пругата од Битола до граничната станица вредна 17 милиони евра е оспособена и има дозвола за сообраќање, а се градеше речиси шест години. Но, по неа не сообраќаат возови за Грција, а запре и оној што возеше до Жабени.
Бочварски и премиерот Ковачевски присуствуваа на пуштањето во употреба на обновениот регионален пат Битола-Меџитлија, во должина од 12,5 километри. Во патот беа инвестирани 3,28 милиони евра, обезбедни од ЕБОР. Патот остана со истата широчина како и претходно, од шест до 6,5 метри и минува низ населените места Бистрица и Кравари.
– Меџитлија, кој е дел од Коридорот 10-Д, е обновен целосно и е многу значаен за целата држава, за граѓаните од овој регион и за пограничната економска соработка. Инвестиравме 3,6 милиони евра, со цел да го издигнеме на ниво на квалитетен и безбеден пат кој е функција на цел бизнис од Пелагонија, за граѓаните и за развој на туризмот – рече Бочварски.
(С.Бл.)