Ќе попушти ли РКЕ под притисокот на јавноста за повлекување на одлуката за цената на струјата?

Протестите против поскапувањето на електричната енергија продолжуваат сè до исполнување на барањето за повлекување на одлуката за поскапување на струјата. И покрај притисокот на јавноста, директорот на РКЕ, Марко Беслимоски и енегетските компании, сè уште се на ставот дека струјата треба да са покачи. Во меѓувреме се огласи и директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница со седиште во Виена, Јанез Копач, со став да не се политизираат одлуките на Регулаторот, а Владата да го амортизира ударот од поскапувањето на струјат

299

Не престануваат острите реакции во јавноста за поскапување на цената на струјата. Против поскапувањето на електричната енергија повторно се организираат протести во повеќе градови низ државата, кој како што најавија организаторите ќе продолжат се до исполнување на нивните барања. Покрај барањето за укинување на одлуката за поскапување на струјата од 7,4 отсто, се бара и распуштање на Регулаторна комисија за енергетика и формирање на тело во Собрание кое ќе ги разгледа и адресира сите жалби на граѓаните кон енергетските компании.
-РКЕ веднаш да ја укине одлуката за поскапување на електричната енергија и да ја намали цената за потрошувачите за 46 отсто. Владата да го намали ДДВ од 18 во 5 отсто, да го елиминира монополот на компанијата ЕВН со укинување на договорот со цел да и се стави крај на нивното некоректно и нечовечко однесување. Да се национализира дистрибутивната мрежа и да создаде олеснителни политики за простување на долгот на социјалните случаи, велат организаторите на протестот.
И покрај притисокот на јавноста директорот на РКЕ, Марко Беслимоски и енергетските компании остануваат на ставот дека струјата треба да са покачи.
Во меѓувреме се огласи и директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница со седиште во Виена, Јанез Копач, со став да не се политизираат одлуките на Регулаторот, а Владата да го амортизира ударот од поскапувањето на струјата.
-Покачувањето на цената на електричната енергија нема да се одрази на цените на другите продукти, туку единствено на сметките на граѓаните. На енергетскиот сектор му е потребна визија, а не политизирање на одлуките донесени од независниот регулатор, истакна Копач, и додаде дека обврска на Владата е да обезбеди заштита на потрошувачите и да ги разгледа можностите за да се намали ударот од зголемената цена на електрична енергија за граѓаните кои се директно погодени од корона кризата.
Како што соопшти РКЕ, Копач во разговорот со Бислимоски порачал и дека државата не треба да ги субвенционира сметките за електрична енергија на највисоко платените менаџери и другите граѓани со високи примања кои, како што оценил, се субвенционирани со нереално ниски цени во моментов.
-Треба да се разгледа можност да се воведе привремена мерка која ќе значи проширување на опфатот на лица кои ќе влезат во групата за субвенционирање сметки со вклучување граѓани кои се директно економски погодени од здравствената криза на пример оние граѓани кои се останати без примања. Но, тоа не значи дека секој треба да добие помош, истакнал Копач.